Каракачанов опина: Бугарија ќе каже „не“ за закажување меѓувладината конференција на Македонија и ЕУ


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Ако не се почитува Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија од 2 август 2017 година, Бугарија ќе се спротивстави на закажување на првата меѓувладина конференција, вели бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов.

Во изјава за ТВ Европа, како што пренесува БГНЕС, Каракачанов рекол дека „тука сѐ е јасно” и потсетил дека поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров за три години не направил ништо за подобрување на меѓусебните односи.

„Бугарија треба да се спротивстави на првата меѓувладина конференција, ако држи до националните и европските интереси. Пред неколку дена копретседателот на Заедничката комисија, Драги Ѓоргиев имаше остро однесување. Тие луѓе немаат никаква намера да водат искрен дијалог со Бугарија. Сметаат дека може да ги замачкаат работите. Си вообразуваат дека некој во Брисел или во светот ќе ја притисне Бугарија и ние ќе потклекнеме. Очигледно не разбрале како е во РУ и како функционира. Имаа три години да се преиспитаат”, изјавил Каракачанов.

Според него, Договорот на РСМ со Грција бил многу посуров, а во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија е напишано што треба да направи секоја од страните.

„Но, РСМ не го почитува тој договор. И затоа лани во октомври дојде до Рамковната позиција на бугарските власти. Тогаш светна сијаличката, за да се сетат во Скопје дека нема напредок, дека тие прават само имитација”, вели Каракачанов.

Во однос на меморандумот од Бугарија до ЕУ, тој додава дека во оваа фаза не гледа некоја желба за заобиколување на документот и дека Бугарија нема да се спротивстави, туку ќе каже дека не е дојдено време за утврдување на датумот за првата меѓувладина конференција.

„Кога некој не е спремен за прво одделение, има предучилишна подготовка. Во моментов говорам во име на Владата”, додал Каракачанов, кој е убеден дека во Парламентот нема да има промена во однос на РСМ .