Каков коронавирус – Македончето попалено на свадби, матури, родендени и други прослави не признава ништо такво


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Со олабавувањето на превентивните мерки против коронавирусот во Македонија, зачестена и сè поевидентна е славеничката еуфорија која зафаќа дел од граѓаните кои, како во транс, целосно забораваат на актуелните препораки и мерки кои сè уште се на сила со цел заштита на граѓанското здравје.

Свадбите, крштевките, матурските, полуматурските, роденденските прослави, верски адети – вакви и слични збиранки дури и со по 200 присутни луѓе стануваат секојдневие. Социјалните мрежи сведочат за прослави со огромен број на гости, со музика, без маска и дистанца. Се лепат банкноти на челата на трубачи, се играат чочеци, а не изостануваат ниту документаристичките афинитети на славениците, кои ги снимаат своите забави и во живо ги емитуваат на очиглед на целата јавност, пишува Слободен печат.

Сцените од видео материјалите од свадбите одржани неодамна, се фрапантни. Веселбите на ниеден начин не се одвиваат по било каков протокол, туку на начинот на кој се одвиваа пред пандемијата.

Слободен печат пренесува дека до нивната редакција пристигнале многубројни видео материјали и фотографии од Скопје и од градови од внатрешноста, каде снимателите ги охрабруваат гостите „да се фатат на орото и да не се плашат од короната“, како и „да им покажат на другите дека немаат страв од короната“. На еден од видео материјалите, една од славеничките ја вади маската од џебот и ја користи како шамиче за виење на чело на орото.

Додека здравствените работници се на раб на премаленост, болничките капацитети се сериозно оптоварени, а пациенти со тешка клиничка слика се борат за живот, коронавирусот, едноставно, за некои граѓани како да не постои.

Сарказмот и иронијата одат дотаму, што групи кои се претставуваат како „риболовни друштва“ на Фејсбук му испраќаат ироничен поздрав на министерот за здравство Венко Филипче, додека се фотографирани во група, без маски, без дистанца.

Редакцијата на „Слободен печат“ пренесува дека има сознанија дека во следните два месеци, има закажани масовни свадби, со по 200 гости, а за нив идните брачни двојки не само што ги имаат покането гостите, туку и им платиле капар на локалите што ќе ги одржат.

Министерот за здравство Венко Филипче, апелираше доколку принципите за безбедност не е можно да се одржат, прославите да се одложат.

– Лично мислам, дека било каде, ако може да се одржи собир со маска и дистанца, нема проблем да се одржат прославите. Но, ако не може да се воспостават овие принципи на маска и дистанца, тогаш не организирајте веселби, одложете ги, апелираше тој напоменувајќи дека голем број од 40те кластери, се всушност резултат на свадба, мекици, ифтари и слави.

Но, овој апел од едно уво влегува, а од другото уво излегува. Масовни се и седенките во парковите, прославата на родендените на отворено, организираните скари. Едноставно, постои разлабавување и губење на кондицијата на издржливост и почитување на мерките кај голем дел од луѓето. Не се пропушта да се подготви софра ниту за завршено деветто одделение и покрај тоа што родителите се „изборија“ децата да не им одат во училиште и да не полагаат државна матура.

Директорката на државниот санитарен и здравствен инспекторат, доктор Ирина Сотирова Бухова вели дека има 40 кластери во Македонија, а од нив половината се во Скопје.

– Имаме кластер мекици Охрид, кластер слава Ресен, кластер свадба Скопје, кластери ифтарски вечери и за жал кластери погреби. Ова се големи кластери на кои присуствувале од 50 до 150 а некаде и 200 луѓе, рече Бухова изразувајќи чудење што овие масовни собирања не биле забележани од полицијата.

Од скопската свадба со невеста од Лекарска комора, има 14 позитивни лица, но ниту еден од нив не посочил ниту еден контакт.