Изјава на фирмата чии апчиња се делеа во кругот на УКИМ: „Имавме дозвола од Ректоратот“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Откако во јавноста се крена сериозна паника и имаше лавина од реакции на револтирани родители и граѓани поради делењето на непознати пилули на бруцошите во рамки на факултетскиот комплекс во кој се наоѓа и Ректоратот на УКИМ, следеше и официјално соопштение и реакција на фирмата која ги произведува пилулита, а кое го пренесе Фокус.

„Бионика Фармацеутикалс изразуваат загриженост за реакциите на јавноста во врска со одржаните промотивни активности на додатокот на исхрана – Вигорикс Интенс, на кампусот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје на 24.10.2018 и ја информираме јавноста дека промоцијата на Вигорикс Интенс е одржана со официјално одобрување од Управата на Ректоратот на Универзитетот Св. Кирил И Методиј согласно Одобрение бр. 13-29/27 од 17.09.2018 година, а за промоцијата беа ангажирани стручни лица, доктори и фармацевти вработени во компанијата Бионика Фармацеутикалс, Скопје.

Дополнително, Бионика Фармацеутикалс Скопје информира дека додатокот на исхрана Вигорикс Интенс е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија со Одобрение бр. 18-5274/1 од 16.07.2015 година кое потврдува дека производот Вигорикс Интенс на производителот Бионика Фармацеутикалс, во соработка со Herba Medica d.o.o, Словенија ги исполнува барањата во однос на составот и означувањето пропишани со: Законот за безбедност на храната (Сл. весник на РМ бр. 157/2010, 53/2011, 1/2012 и 72/2015) и Правилникот за посебните барања за безбедност на додатоците на исхрана (Сл. весник на РМ бр. 12/12, бр. 80/13 и бр.17/15).

Уверуваме дека Вигорикс Интенс е комплетно природен производ кој во својот состав содржи: микрокапсулиран кофеин, екстракт од корен на жен-шен, екстракт од семе на гварана, витамин Б3, витамин Б6 и витамин Б12. Производ кој се препорачува за одржување на нормален енергетски метаболизам, одржување на нормално функционирање на имунолошкиот систем како и намалување на заморот и исцрпеноста.

Производот Вигорикс Интенс е во овластена продажба во сите аптеки ширум земјата, како и во Република Србија и во Република Словенија. За потребите на промоцијата на Вигорис Интенс, беше изработено специјално промотивно пакување, а во редовна продажба, производот може да се најде во комерцијално пакување.

Компанијата Бионика Фармацеутикал, Скопје веќе 9 години работи на македонскиот пазар. Во своето портфолио има повеќе од 30 производи, додатоци на исхрана, лекови и медицински средства. Компанијата извезува во повеќе од 8 земји во регионот и Европската Унија и е долгогодишен партнер на реномирани фармацевтски компании од светот. Бионика Фармацеутикал, Скопје е докажана општествено одговорна компанија која се грижи за своите потрошувачи и активно помага на здруженија на пациенти и граѓански организации во остварувањето на нивните цели“.