Актуелно

Група бугарски интелектуалци со осуда за декларацијата на официјална Софија: „Поттикнувате омраза3

Група бугарски интелектуалци иницираа петиција против декларацијата на официјалниот бугарски политички врв од Владата на Бугарија во врска со ЕУ интеграциите на Македонија, која предизвика шок во Скопје. Сметаат дека Софија промовира потценувачки однос и омраза, пренесува Дојче Веле.

Бугарските интелектуалци го сметаат за апсолутно неприфатливо враќањето на јазикот на националкомунизмот, за каков што го сметаат оној употребен во декларацијата на бугарската влада која беше прифатена и од парламентот. Во декларацијата на официјална Софија се наведуваат серија услови и закани за блокада на Скопје на патот кон ЕУ. Едно од клучните барања на источниот сосед е никаде на ниво на ЕУ да не се споменува македонскиот јазик.

Групата бугарски интелектуалци, меѓу кои има историчари, адвокати, етнолози, политолози, и црковни лица, започнаа отворена петиција во која со контра-декларација остро ги критикуваат позициите на нивната влада.

„Го изразуваме нашето разочарување и длабока загриженост од рамковната позиција на бугарската влада“, пишуваат интелектуалците меѓу кои досега се потпишани Огњан Минчев, Николај Василев, Кирил Чуканов и други познати јавни личности. Тие велат дека ги поддржуваат барањата за забрзана работа на мешовитата историска комисија, но не можат да се согласат со „тонот на декларацијата“, кој го оценуваат како „недозволив.“

„Таа содржи голем број на загрижувачки и проблематични барања“, наведуваат тие и оценуваат дека инсистирањето на „заедничка историја до 1944 година“ од научна гледна точка е тешко за одбрана.

„Во неколку наврати тоа се навестува само како историја на еден народ- бугарскиот. Во пракса, всушност се бара од македонската страна да ја препише бугарската историја до таа година. Всушност, денешна Бугарија и денешна Северна Македонија се рамноправни наследници на вековната култура и цивилизација. Затоа, ние го осудуваме поимот ’кражба на историјата’, кој честопати се користи од некои националисти од обете страни.“

„Рамковната позиција исто така вклучува и наивно разбирање, дека за прашањата на идентитетот на сите историски личности има лесни и недвосмислени одговори од денешна гледна точка, поради што се поедноставува дилемата ’или Бугарин или Македонец’“, пишуваат бугарските интелектуалци.

Тие во тој контекст го критикуваат и барањето во учебниците во оригинал да се користат историските извори од 19 и 20 век.

„Имајќи ги предвид наведените хронолошки рамки, во случајот очигледно не се работи за грижа учениците во Бугарија и Македонија да се запознаат со оригиналните историски извори, туку, тоа е насочено единствено кон едната од двете држави со нескриени подалечни цели.“

Најзагрижувачки, според бугарските интелектуалци, е негирањето и потценувањето на македонската култура, и политичкиот и културниот идентитет на Република С. Македонија.

„Негирањето и потценувањето на македонската култура создадена во последните децении може само да поттикне омраза кон Бугарија. На овој начин, бугарската рамковна позиција, наместо да ги зајакне нашите врски засновани врз нашата заедничка историја, ќе се претвори во нова линија на поделба исполнета со сомнеж и непријателство. Сето ова е длабоко вознемирувачко и го доведува во прашање севкупниот развој на преговорите во иднина“, се наведува во декларацијата.

Наместо ултиматуми, бугарските интелектуалци бараата зајакната соработка меѓу двете држави на сите полиња, од културата до економијата. Тие прашуваат: кога Бугарија ќе обезбеди потрајно културно присуство во соседната земја; кога ќе започне пракса на збратимување на градови од двете страни на границата; зошто нема заеднички проекти финансирани од Бугарија; зошто нема напредок во развојот на Коридорот 8; и кога конечно ќе се направи железничка линија меѓу Софија и Скопје?

„Изразуваме длабока загриженост дека чисто конјунктурните и веројатно предизборни размислувања и амбиции, ризикуваат уште еднаш да ги стават на спореден пат процесите што започнаа во последните две години. За нас, градењето стратешко партнерство со Република Северна Македонија е од клучно значење за промоција на бугарските национални интереси и националната безбедност“, пишуваат бугарските интелектуалци во петицијата до бугарската влада.

Advertisements
To Top