Груевски: Ако СДСМ со албанските партии направи влада, тоа ќе биде крај за Македонија


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски за бугарската телевизија БТВ изјави дека создавањето на нова опозициска влада, поддржана од албанските партии ќе доведе до крај на македонската држава.

„Внесувањето на платформата на албанските партии е обид не само за редефинирање на државата, туку за репреговарање за Охридскиот договор од 2001 година. Тоа е опасна работа, тоа е отворање на Пандорината кутија“, вели Груевски.

Според него, тоа, како што вели репреговарање може да ја врати земјата во 2001 година.

Пандорината кутија, коментира авторот на интервјуто, беше отворена уште пред две години кога опозицијата почна да објавува снимки од нелегално прислушување на десетици илјади македонски граѓани.

„Овие снимки откриваат монструозна злоупотреба на службената положба и корупција за стотици милиони евра во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која управува со земјата во 15 од последните 19 години. Овие записи доведоа до најмасовните антивладини протести и првото во историјата обвинение против македонски премиер. Специјалното јавно обвинителство го обвини Груевски дека нарачал јавно претепување на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски во текот на летото на 2013 година“, се вели во коментарот од телевизијата.

На прашањето од новинарот на БТВ до Груевски дали го препознава својот глас на снимките, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ без конкретен одговор.

„Нашиот став за ова прашање беше јасен- дека станува збор за креирани, едитирани и монтирани материјали, употребени со цел да се уништи кредибилитетот на институциите и политичарите. Значи не се работи тука само за гласот, туку се работи за прашања што се поврзани со креирани, едитирани и монтирани материјали“, вели Груевски за БТВ.