Градоначалникот на Пробиштип, Тоневски, обвинет за обид за силување

Вработена во општина Пробиштип го пријавила градоначалникот Тони Тоневски за обид за силување. Случајот е пријавен на 12-ти овој месец, а ден подоцна, вработената во општината дала исказ во пробиштипската полиција, пренесе 24 Вести.

Според општинската службеничка, која од безбедносни причини останува анонимна, градоначалникот ја нападнал во обид сексуално да ја злостави. 24 Вести го контактираше и градоначалникот Тоневски. Тој го демантира случајот, но признава дека имало пријава против него.

Тоа е грешка, нема такво нешто. Нема таква пријава, повлечена е пријавата, вели градоначалникот на Пробиштип за 24 Вести.

Во врска со настанот во Пробиштип, од севкупните преземени мерки од страна на СВР Штип во консултација со Јавниот обвинител, утре ќе се разгледува предметот, дали има или нема елементи на кривично дело. Исходот за настанот ќе го имаме утре, завчера од МВР.

Според информациите на 24 вести, општинската службеничка во петокот дала исказ во полициската станица во Пробиштип со кој го обвинува градоначалникот за обид за силување.

Градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски, преку својот Фејсбук профил реагираше на веста на 24 Вести.

Згрозен сум од прилогот на Телевизија 24 вести за наводен обид за силување на вработена во општината. Во целост ги демантирам сите искажани наводи во прилогот на споментиот медиум.
Тврдам дека не постои никаква пријава за обид за силување бидејќи такво нешто воопшто се нема случено. Ова е само обид за нарушување на мојот личен и политички углед, но се надевам дека во текот на утрешниот ден со официјалните информации од надлежните служби сето ова ќе биде расчистено.

Тони Тоневски е на чело на општината од 2009 година кога го освои првиот мандат.