Генчовска: Премиерот Петков даде предлог Бугарија да се откаже од негирањето на македонскиот јазик

Бугарскиот премиер Кирил Петков испрати предлог со кој практично целосно се ревидира Рамковната позиција донесена од Народното собрание и Владата на Бугарија, но тој беше одбиен од МНР, рече шефицата на бугарската дипломатија во оставка Теодора Генчовска на сослушувањето пред пратенциите во Парламентот во Софија за преговорите со Република Македонија, пишува Фокус.

Генчовска, како што јави БГНЕС, оцени дека преговорите напредуваат, но има и прашања кои остануваат отворени за решавање. Еден од нив, како што наведе, е „формулацијата на т.н. македонски јазик во историска и етничка смисла“.

На 5 април годинава, како што посочи таа, советникот за надворешна политика на премиерот испратил нацрт за ажурирање на Рамковната позиција, којшто сугерирал ревизија на националната позиција на Бугарија.

– Нацртот на таа нова Рамковна позиција не го вклучува бугарскиот став за т.н. македонски јазик. Барањето за европски гаранции во однос на Договорот од 2017 година станува неодржливо. Практично, овој проект ги комбинира парцијалните идеи на МНР за имплементација на билатералниот договор, но без јасен механизам за спроведување на договорот. МНР оцени дека документот е целосно погрешен и го отфрли како можност, рече Генчовска.