Филипче по учеството на бугарската владина седница: Бугарија ќе донира дел од секоја пратка вакцини против КОВИД-19 на Македонија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


По учеството на денешната владина седница на Владата на Бугарија во Софија, министерот за здравство Венко Филипче, изјави дека бугарската влада донела одлука од секоја пратка на вакцините против ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел да донира и за Македонија. Тоа значи дека вакцините против ковид-19 ќе стигнуваат во исто време како и во останатите земји членки на Европската Унија, пренесува 360 Степени.

Веќе е разговарано и за техничките детали во однос на испораката.

„На денешната седница од страна на Владата на Република Бугарија се донесе одлука од секоја колична вакцини против ковид-19, која стигнува во Република Бугарија, една одредена количина да биде наменета за нашите граѓани и тоа да биде во форма на донација. Со ова ние практично стигнуваме до вакцините со истата временска динамика со која стигнуваат и земјите членки на Европската Унија. Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 отсто од населението“, изјави министерот Филипче по седницата.

„Ова го правиме со чисто срце без никакви задкулисни намери, го правиме за нашите најблиски соседи. Се надевам дека следната година со Захарева и Каракачанов ќе пронајдеме заедничко решение за интегрирањето на Северна Македонија во Европската Унија, како што ја подджавме и за НАТО. Така што не се случи ништо страшно, прашање на политичка волја и од двете страну е да стигнеме дотаму“, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов на денешната владина седница.

Бугарскиот министерот за здравство Костадин Ангелов посочи дека целта на оваа одлука е постигнување солидарност во услови на излегување од кризата, која ја предизвика пандемијата.

„Имаме можност за препродажба и донирање на вакцини против ковид-19. Во таа смисла по покривањето на националните потреби и потпишувањето на соодветните спогодби, ќе обезбедиме вакцини за граѓаните на Република Северна Македонија“, нагласи Ангелов.

Според информациите од бугарските здравствени власти, најпрво во Софија ќе стигне вакцината на „Фајзер“, потоа на „Модерна“, па потоа на „Астра Зенека“.

Министерот Филипче во Софија е на покана на премиерот Бојко Борисов и на министерот за здравство Костадин Ангелов.

Освен преку оваа донација од Бугарија, нашата земја обезбеди вакцини и преку механизмот Ковакс. Европската Унијата за земјите членки обезбеди 400 милиони вакцини и 100 милиони дополнително за земјите кои не се во Унијата, а вакцините може да ги добиваат со посредување на земјите членки. Досега ваков вид помош за нашата земја и понудија Полска и Грција. Исто така, во тек се преговори и со произведувачите за директна набавка на вакцини и од нив.