За 40 дена Косово мора да одржи нови предвремени парламентарни избори


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Откако изборот на актуелната влада беше прогласен за неуставен од страна на косовскиот Уставен суд, Косово во рок од 40 дена треба да одржи нови парламентарни избори. Денеска треба да започнат партиски консултации за датумот на изборите.

Претседателката на парламентот и вршителка на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи, ќе ги повика денеска политичките партии на разговор во врска со датумот на одржување на изборите откако Уставниот суд го прогласи неуставен изборот на владата на Авдулах Хоти на 3 јуни.

Уставниот суд на Косово донесе таква одлука затоа што за изборот на владата беше пресуден гласот на пратеник кој претходно бил осуден на затворска казна. Судот го оцени неважечки гласот на пратеникот Етем Арифи, кој бил одлучувачки за време на гласањето за формирање на владата на Авдулах Хоти.

Судот констатира дека одлуката на парламентот на Косово за избор на Владата не била во согласност со Уставот, бидејќи не добила потребно мнозинство на гласови од сите пратеници, како и оти претседателот на Косово, земајќи во предвид дека Владата не е избрана по Уставот, распишал избори, кои треба да се одржат не подоцна од 40 дена од денот на распишувањето.

Шефот на кабинетот на в.д. претседателката на Косово, Фатон Пеци, изјави дека за одлуките на Уставниот суд не се расправа и оти Вјоса Османи денеска ќе започне со консултации за датумот за предвремени парламентарни избори.

Пеци за приштинската кабловска телевизија Канал 10 изјави дека за одлуките на Уставниот суд не може да се расправа.„В.д. претседателката Османи во вторник ќе започне со консултации со политичките партии за да се одлучи за датумот на одржување предвремени парламентарни избори“, изјави Пеци. Актуелната влада ќе остане на должност до изборите на новата Владата на Косово.