Екстремни појави: На рускиот Арктик измерени рекордни 38 степени Целзиусови


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


На руските делови од Арктикот во јуни се регистрирани рекордни температури кои предизвикаа абнормални пожари на тундрата, изјави директорот на руската метеоролошка служба, обвинувајќи ги климатските промени за овие „извонредни” аномалии.

Северните територии на Русија, вклучително и делови од републиката Јакутија што граничат со Арктичкиот океан, во последниве недели се соочуваат со топлотен бран, а селата во тундрата се борат со пожари па некои области прогласиле вонредна состојба.

„Имавме екстремно необични временски услови“ во јуни и „претходните рекорди лесно се срушени“, рече Роман Вилфанд на прес-конференција во Москва, пренесе Москоу тајмс.

Тој како пример го наведе рекордот во арктичкиот град Верхојанск, каде што на 17 јуни беа измерени 38 степени Целзиусови.

„Тоа е неверојатно“, истакна Вилфанд, прецизирајќи дека рекордно ниска температура од 67,8 степени под нулата е измерена во тој град пред крајот на 19 век.

Според Вилфанд, порастот на температурите и сончевото време е предизвикано од климатските промени и промените во циркулацијата во атмосферата со почести поларни антициклони, феномени што носат сончево небо.

Недостаток на облаци, пак, предизвикува земјата да се загрева за време на летото на Арктикот, рече тој.

„Метеоролозите порано не биле често сведоци на опасни пожари во поларните региони“, рече тој но, ова сега се менува заради овие обрасци.

„Тоа е неверојатна ситуација. Антициклоните се случуваат сè почесто и никогаш не можете да предвидите каде ќе се појават“, рече тој.

„Ова е најважниот проблем на климатските промени и резултат на климатските промени“.

Предизвиканите пожари придонесуваат кон циклусот на затоплување, бидејќи пепелта ја затемнува површината на мразот што во спротивно ги рефлектира сончевите зраци, а наместо тоа предизвикува мразот да се стопи, рече Вилфанд.

Русија се загрева 2,5 пати побрзо од остатокот на светот, поради нејзините огромни територии на Арктикот.