Дванаесет и пол килограми марихуана запленети на Табановце

На граничниот премин Табановце, во автомобил со германски регистарски ознаки, се пронајдени 12,5 килограми марихуана, известуваат царинските службеници. Во откривањето учествувале цариниците од одделението за оперативни работи во соработка со полициски службеници на граничниот премин Табановце.

Како што информираат од царината, во четвртокот, околу 22 часот, на излез од Република Македонија е запрен автомобил со германски регистарски ознаки, кој бил управуван од лицето Е.Д.Р., косовски државјанин, а со него патувало и друго лице кое било германски државјанин. При контрола на возилото со царинско куче, на повеќе места во фабричките шуплини цариниците пронашле 40 пакувања обвиткани со најлонска фолија, наполнети со марихуана со вкупна маса од 12,5 килограми.

Според информациите и прибраните докази од предистражната постапка од инспекторите од одделението за истраги при Царинската управа, веројатно е дека осомниченото лице требало да ја пренесе марихуаната од Косово до Германија. По комплетирањето на сите докази, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични средства, психотропни супстанции и прекурсори.