Денеска во Битола почнува 24. издание на Фестивалот на монодрама


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Со почеток од денеска, 12 мај, па до до 20 мај, во организација на Центарот за култура Битола ќе се одржи 24 издание на Фестивалот на монодрамата.

На фестивалот ќе учествуваат актери од 11 земји, со вкупно 13 монодрами кои што на сцената ќе го прикажат овој комплексен театарски приказ.

На Фестивалот на монодрамата во Битола ќе гостуваат актери од Естонија, Монголија, Италија, Шпанија, Црна Гора, Косово, Израел, Србија, Хрватска, Литванија и од Македонија.

Селекторот на Фестивалот, актерот Петар Мирчевски, вели дека годинава пристигнале најмногу апликации споредено со минатите години, а најголемиот број на апликации дошле од Израел.

– Во едно вакво време кога сме нападнати од не знам какви се̍ не кризи, да се организира ваков фестивал кој трае девет дена, со 13 претстави во официјална конкуренција и две претстави во чест на гостите на свеченото отворање и затворање, да се угостат актери од 11 земји, за мене е рамно на подвиг – вели познатиот актер и селектор на фестивалот, Петар Мирчевски.

Новина од годинава е конкурсот за македонски монодрами кој ќе биде распишан за време на одржувањето на фестивалот.

– По пауза од повеќе од 15 години го обновуваме конкурсот за монодрамски текст. Една од основните причини зошто беше основан овој фестивал пред многу години, беше токму да се прошири идејата за монодрама, како кај актерите да играат во монодрами, така и кај драматурзите, да ја пишуваат. Се радувам што се враќаме на оваа некогашна иницијатива, а в година очекуваме да се изберат прва, втора и трета награда, да се откупат текстовите и да се издадат во книга која ќе биде пормовирана на идното јубилејно 25. издание на Фестивалот на монодрамата – велат организаторите.

Во рамките на Фестивалот ќе бидат организирани работилници за пантомима, како и оф-програма која според организаторите ќе го направи градот жив надвор од театарските сцени.

Фестивалот на монодрамата годинава доби финансиска поддршка од Министерството за култура, Општина Битола и шпанската амбасада во Скопје.