Денес последен ден од рокот за распишување локални избори


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Денеска е последниот рок кога Собранието треба да ги распише локалните избори. Во ситуација кога сѐ уште не е избран претседател на Собранието, тоа значи дека за да се испочитува рокот, денеска би требало да продолжи конститутивната седница, да се избере претседател и тој да ги распише локалните избори за градоначалници и советници кои треба да се одржат во првата половина на мај.

Според Изборниот законик од денот на распишувањето до денот на одржувањето на изборите не може да поминат повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена. Право да распише избори има само претседател на Собранието кој е изгласан од најмалку 61 пратеник од актуелниот парламентарен состав.

На 30 декември се одржа конститутивната седница на новиот собраниски состав, на која само се верификуваа мандатите на пратениците, но не се избра и претседател на Собранието.

Според Уставот и Изборниот законик денеска е последниот рок за распишување на локалните избори. Изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина во месец мај, стои во член 16, став 1 од Изборниот законик.

Различен е ставот за ова прашање на политичките партии кои освоија пратеници во новиот собраниски состав.

ВМРО ДПМНЕ досега неколку пати соопшти дека се за нови, брзи, предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните, во мај.

Социјалдемократите во овој период се фокусирани на продолжување на конститутивната собраниска седница, на избор на претседател на Собранието и формирање нова влада. Од СДСМ велат дека ќе почекаат неколку дена Иванов да се премисли, да му го даде мандатот на Заев за формирање влада и да се врати уставниот поредок.

Во ДУИ велат дека не се заинтересирани за одложување на локалните избори и дека законскиот рок зараспишување локални избори треба да се почитува.

Уставот дозволува Собранието со двотретинско мнозинство да изврши измени во Изборниот законик и локалните избори да се одложат.

„Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, се вели во амандманот 16 од Уставот.

Овие измени може да важат само за овие избори. Пред локалните избори во 2013 година беа направени измени во Изборниот законик за продолжување на роковите за регистрација на кандидати. Ова беше сторено поради бојкотот на работата на Собранието од пратениците на СДСМ.

Ако изборите не се одржат во мај, градоначалниците на општините и општинските совети повеќе нема да имаат никакви надлежности, а пречекорувањето на предвидениот рок повлекува измени во Изборниот законик и нов датум за локални избори.