De Yan во и за Roomania – слушнете музика и читнете муабетче


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Дејан Талевски е долгогодишен љубител на музика кој има страст кон генералниот концепт за тоа како звукот функционира. Креативно, најдобро се изразува преку музичката продукција од која излегува желбата за создавање музика во многу различни стилови, издадена под неколку псевдоними. Logos Recordings, Zingiber Audio и Welter се само неколку од долгата листа на етикети под кои тој ја издава својата музика. Неговата музичка и уметничка креативност ја споделува во колективите HAUZ и Pirka, каде се јавува како активен член.

Во продолжение, слушајте го новиот микс додека го читате разговорот со De Yan.

Roomania: Здраво Дејан. На наши настани си гостувал повеќепати, но тука може да кажеме едно ново добредојде во нашиот нов проект. Долго време си дел од македонската електронска сцена, па за почеток би те прашале што те мотивира кон континуирано занимавање со електронска музика?

Здраво момци. Прво Ви благодарам за поканата, многу ми се допаѓа концептот кој го развивате.
Извор на мотивација наоѓам од многу места, како случки од секојдневието, книгите кои ги читам во моментот, филмови, миксови од други артисти, траки и така натаму, можам да набројувам до утре. 🙂

Најинтересно е што од моите почетоци па се наваму, сè повеќе и повеќе ме привлекува работата со музика, и општиот концепт на звукот.

Roomania: Низ годините си настапувал на многу фестивали и настани. Кој настан би го издвоил како најдраг, од кој си извлекол големо искуство? Кој вид на настани влијаат најмногу (во смисла на настапувачко искуство) врз артистот и можат да го надградат?

Нема настан кој би можел посебно да го издвојам. Секое место каде што сум пуштал од најмал бар до големи фестивали, оставиле по некоја трага врз моето музичко развивање како артист.

Roomania: Кои музички изданија го привлекуваат твоето внимание? Што треба да поседува едно музичко парче за “да го ставиш во кошница”?

Пред се барам нешто оригинално во секое парче кое го купувам, без некои посебни преференци и стилски придржувања. Музиката е широк поим и придржување само кон одреден звук според мене е ограничување, односно неискористување на доста добра музика. Сепак сето тоа да звучи добро кога ќе се спои во сет.

Roomania: Секој диџеј има свој начин на подредување на својата музичка библиотека. Некои лепат знаци или тагови ако музиката е во физички формат, некои пишуваат хаштази, прават плејлисти или фолдери за дигиталниот формат. Кој е твојот начин на организирање?

Организирањето на музиката е доста битен дел во сечиј сет, особено кога сетовите се долги. Почнувајќи со плочите, немам проблем со подредувањето, бидејќи мојата колекција сеуште е мала, нешто повеќе од стотина плочи. Дигиталната ја организирам по месеци кога сум ја зел, поконкретно подредена ми е од 2006та наваму за секој месец посебно. Пред секој настап правам посебна плејлиста за истиот, каде што во прв план е новата музика, но и копање во старите фолдери (секогаш се изненадувам со некоја трака која не ми била во преден план во минато).

Roomania: “Son Kota” e проект кој го работите заедно со Благој Рамбабов. Како започна соработката? Кои изданија се реализирани и што може да очекуваме во иднина?

Со Благој соработуваме и контактираме повеќе од 10 години, така што природно дојде идејата за креирање на Son Kota. Поточно одлуката за овој проект дојде околу 2018та година, од тогаш па натаму посветуваме многу внимание на продукција под овој псевдоним.
До сега издадовме 2 плочи, а во наредниот период се очекуваат уште 4 веќе финализирани плочи, од кои една е со ремикс за рускиот продуцент Ki.Mi.
За сите нови изданија секој кој сака може да се информира на нашиот фејсбук и саундклауд профил, таму ги објауваме сите новости околу Son Kota.

Roomania: Најкреативно се изразуваш како продуцент и сведоци сме на многу интересни изданија од тебе. Колку често креираш нова музика? Кои се твои омилени алатки во студиото? Дали имаш некој ритуал во продукцијата или е “go with the flow” начин на работа?

Немам посебен шаблон за продуцирање, правам музика кога сум во муд. Електрон Дигитакт ми е моментално омилена играчка, а од VST плагини би ги издвоил Massive и Fab Filter плагинитe, кои ги користам во речиси секоја трака.

Roomania: Дел си од колективот Pirka. Креативноста на оваа организација започна од стримови во живо на прекрасни локации, потоа организација на клупски настани, за моментално да стигне до издавачка куќа со изданија на извонредни артисти. Како се развиваше приказната на Pirka? Што е следно од Pirka?

Пирка започна како лајв-стрим платформа, од која не сум дел од самиот почеток. Клучен момент беше стримот во Ротино каде се зближивме многу со дел од екипата, за потоа да го продолжиме проектот преку журки, продуцирање, работа на најразлични проекти и многу дружба.

Креирањето на издавачката куќа е еден од проектите на кој посветуваме доста внимание во последно време, а со тоа со радост би ги највил првите две плочи за кои сеуште немаме дефинитивни дати. Би открил само дека на првата плоча како ремиксер се јавува Арапу.

Roomania: “Клубтура” беа серијал на настани под организација на Pirka и Hauz, што промовираа артисти кои се држат до романскиот минимал. Кои артисти беа дел од овие настани? Дали очекувањата беа исполнети и дали ќе продолжи реализацијата на овие настани?

Би рекол дека повеќе се придржуваме кон некој специфичен Хаус звук кој е добар за журка, не само минимал. Исто така битен дел од „Клубтура“ настаните ни беа уметничките инсталации, кои беа различни за секоја журка и даваа дополнителен шмек на секој настан.
Настаните секако дека ќе продолжат и се надеваме само на растење на истите, после цела Ковид ситуација.
Досегашни гости ни биле: Monika Ross, Michael James, Burnski, Diego Krause, Viceversa, Alex Ranerro, Marlie, Arapu (се надевам не заборавив некој).

Roomania: Романскиот продуцент и диџеј Arapu, со свој сет се претстави на новата платформа на Sunrise, Sunrise Hub, каде сврте твоја трака. Може да ни откриеш каде и кога се очекува ова издание?

После неговиот настап во Скопје продолживме со комуникација и споделување на музика. До сега пуштил две траки од мене на стримовите на Sunrise, едниот кој беше посветен на Sunwaves, а другиот горонареден. Првата трака е мое и дело на Dout, а втората соло трака, и двете се неиздадени и спремни за праќање по издавачки кога ќе им дојде моментот.

Roomania: За крај, како би го опишал твојот микс за “Roomania”?

Се обидов да направам внимателни селекција на траки кои ми се допаѓаат најмногу, селектирани во последните неколку месеци. Целта ми беше да направам микс кој би бил добар за слушање, а сепак да има и некој журкаџиски момент.