Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Со скоро триесет илјади гласови разлика кандидатката за градоначални на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, го победи досегашниот градоначалник Петре Шилегов на вториот круг од локалните избори што денеска се одржа во 44 општини низ државата, пренесува Гласот На Америка.
Бројките на Државната изборна комисија, после повеќе од 95% обработени избирачки места, покажуваат дека за Арсовска гласале 116.805 лица (55,05% од гласачите), додека за Шилегов гласот го дале 87.804 избирачи (41,38%).
„На мое, навистина големо задоволство, истакнувам дека за првпат во 30 години независна Македонија, Скопје има жена за градоначалник.
Сега имаме шанса уште од првиот ден да почнеме посветено да работите, да побараме одговорност за тоа што не е сработено. Но и Скопје да го трансформираме во чист, зелен, убав, модерен град, град на среќни луѓе“, рече Данела во своето прво обраќање до јавноста, откако стана евидентно дека го презема владеењето во главниот град.
Победата на Арсовска ѝ ја честиташе и досегашниот градоначалник, Шилегов.
„Ѝ честитам на госпоѓата Арсовска за изборот. Благодарност за екипата со која изминативе четири години во Скопје оставивме неизбришливи траги. Нашите булевари, нашите мостови, нашите кејови, зелени кровови, веќе никој нема да може да ги избрише.. Ние сме тука и понатаму да ја продолжиме борбата Скопје да продолжи да расте како модерен град. Нема да дозволиме да ни случуваат силувања како во минатото“, рече Шилегов на обраќањето од партискиот штаб.
Вториот круг го донесе победникот и во општината Карпош, каде градоначалничката функција ја освои Стевчо Јакимовски од ГРОМ. На речиси 100 проценти обработени гласачки ливчиња, Јакимовски освоил 14.838 гласа, додека за неговиот противкандидат, Душко Весковски од СДСМ гласале 13.397 лица.
Скопската општина центар е една од ретките што остана во владение на СДСМ. Таму, според обработени 91 процент од гласачките места, победа, со освоени 10.982 гласа (52,43%), извојува Горан Герасимовски, кандидат на владејачката партија. Негова противкандидатка беше Наташа Котлар-Трајковска, за која гласот го дале 9.110 (43,49%) избирачи од општината.
Во скопско Арачиново, победата е во рацете на ДУИ. Нивниот кандидат Ридван Ибраими, после 100 отсто обработени избирачки места, има освоено 2.026 гласа (50,54%), наспроти Миликија Халими од СДСМ, со освоени 2.873 гласа (47,99%).
Владејачката СДСМ доживеа пораз во уште неколку големи градови.
Во Куманово каде што се водеше најжестоката битка по Скопје, победи екс-социјалдемократот Максим Димитриевски, кој настапи како независен кандидат поради што беше исклучен од партијата. Во вториот круг зад него застана и опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Тој го порази Оливер Илиевски со речиси шест илјади гласа разлика. Димитриевски освои 25.557 гласа или 55,32 отсто за разлика од Илиевски на чие конто имаше 19.428 гласови.
Во Охрид, кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ, Кирил Пецаков исто така славеше убедливо над кандидатот на СДСМ и актуелен градоначалник Константин Георгиевски. Пецаков прогласи победа уште пред 21 часот, а според официјалните податоци на ДИК, тој има 3.800 гласови повеќе. За Пецаков гласаа 16.993 охриѓани, додека Георгиевски застана на 13.186 гласа.
И во Битола победи кандидатот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Тони Коњановски освои 23.950 гласови односно две и пол илјади повеќе од кандидатот на СДСМ, Христо Кондовски, кој имаше 23.312 гласови.
По два мандата како градоначалник на Тетово, Теута Арифи, не успеа да победи и да го освои третиот мандат по ред. Кандидатката на ДУИ беше поразена од лидерот на БЕСА, Биљал Касами, кој освои 21.591 глас или пет илјади повеќе од Арифи.
Во Гостивар втор мандат доби Арбен Таравари од Алијанса и Алтернатива кој во вториот круг убедливо го победи кандидатот на ДУИ, Невзат Бејта. За Таравари гласаа 18.695 граѓани, додека Бејта собра 12.982 гласа.
Рамиз Мерко од ДУИ останува градоначалник на Струга откако го победи кандидатот на Алијанса и Алтернатива Идри Истрефи. Тој ја осигура победата со освоени 13.763 гласа, додека Истрефи освои 11.711 гласови.
Неизвесна битка имаше и во Кичево каде се судрија Фатмир Дехари од ДУИ и Александар Јовановски од ВМРО – ДПМНЕ кој имаше водство од неколку стотини гласови по првиот изборен круг. Во вториот круг победи Дехари со две илјади гласови разлика. Тој освои 12.923 гласа за разлика од Јовановски кој освои 10.812 гласови.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски ги оцени изборите за успешни. Првпат годинава се користеше систем за читање отпечатоци од прсти, за кој Даштевски рече дека е значителен напредок, иако во првиот круг имаше поголеми застои со електронските уреди.
Официјалните резултати од локалните избори ДИК ќе ги соопшти утре (понеделник) попладне.