Д-р Лазаров за МКД.мк: Еден заразен со делта-сојот на свадба може да ги зарази сите невакцинирани лица


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Д-р Ненад Лазаров во изјава за МКД.мк апелира дека во Македонија треба да има еднонеделна изолација за сите оние што се враќаат од државите во кои веќе е потврден овој сој на вирусот. Смета дека треба да се забранат свадбите во затворен простор, бидејќи само еден заразен со делта-сојот на свадба може да ги зарази сите што не се вакцинирани.

„Многу порано требаше да се реагира со тестовите и влезот на нашите државјани од надвор, сега сметам дека е веќе доцна, бидејќи делта-сојот веќе дојде и кај нас. Ако има четири потврдени, којзнае колку има непотврдени случаи на овој сој, којшто во затворено буквално се пренесува со ракување и за помалку од минута контакт со заразено лице. Овде кај нас дијаспората е масовно дојдена и за жал овој пат заедно со парите, ни донесоа и нов сој на вирус. Огромна бројка наши државјани има и во Германија и сметам дека мора да има еднонеделна изолација за сите што влегуваат во државава. За пандемијата од ковид-19 има мерки за спречување и мерки за ограничување. Оние за спречување веќе се задоцнети, а сега ни следат мерките за ограничување, кои треба да спречат поголема катастрофа“, вели д-р Лазаров, кој учествуваше и во хуманитарни акции за собирање и донирање витамини за заразените од ковид-19 што не беа во можност да ги купат.

Тој апелира сите, дури и оние што се вакцинирани, да бидат внимателни, бидејќи делта-сојот е за 60 до 70 отсто со поголема инфективност за разлика од британскиот сој, а не пак со онаа првата варијанта каде што за да се заштитиме беше доволна заштитна маска и растојание од 2 метра.

„Триесет до 60 секунди се доволни за да заразен од делта сој ви го пренесе вирусот буквално на разминување во затворен простор. Од него во затворено штити само респираторна маска, но не и обичната. Овие мутации се сметаат како нов тип на вирус и не можеме да се опуштаме и да сметаме дека ете пандемијата е завршена, вакцинираме сме и нема да се заразиме. Од овој сој различна е и клиничката слика. Во овој момент единствен спас од смртни случаи ни е масовна вакцинација, бидејќи најголем број од оние кои се заразени со делта сојот се невакцинирани. Сега треба да се направи локален локдаун по примерот на Австралија, и да се затворат местата каде има случаи, односно една недела да се затвори Велес, бидејќи на тој начин ќе ја намалиме трансмисијата. Овој пациент од Велес кој што е заразен не ни може да знае со кого се поздравил во периодот пред да знае дека е заразен. Ако претходно во епидемиолошката анкета се прашуваше пациентот со кого си бил подолго од 15 минути, сега тоа се сведува на поздравување и контакт од една минута. Во затворен простор доволно е само поздравување и контакт без маска на разминување Ако на свадба во затворено има 250 гости и има само еден заразен со делта сојот, ќе се заразат сите кои се невакцинирани, како и дел од оние кои се вакцинирани. Според мене, апсурдно е да има свадби од четврток до недела.”, додава д-р Лазаров.

За тоа која од вакцините штити од тешка клиничка слика д-р Лазаров појаснува дека од тешка клиничка слика штитат сите вакцини освен кинеските, особено не Синовак.