Членовите на „Кралицата“ побогати од самата британска кралица


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Членовите на славната рок група Queen дополнително се збогатија после енормниот успех на биографскиот филм „Bohemian Rhapsody“ за нивниот прерано починат лидер и вокал, Фреди Меркјури, па сега нивното заедничко богатство го надминува богатството на британската монархија, покажува новата Sunday Times Rich листа.

Со дополнителната заработка од биографскиот филм за Меркјури и целиот бенд, музичарите од Queen станаа побогати од самата британска кралица.

Според податоците од списанието Sunday Times Rich, тројцата живи членови на Queen – гитаристот Брајан Меј, тапанарот Роџер Тејлор и басистот Џон Дикон – минатата година заработиле дополните 25 милиони фунти по човек. Со оваа вртоглава заработка нивното заедничко богатство достигна сума од 445 милиони фунти.

Во меѓувреме, богатството на кралицата Елизабета е проценето на 75 милиони фунти помалку од вкупната заработка на членовите од Queen, поточно на 370 милиони фунти.

93-годишната кралицата Елизабета пет години беше на врвот на листата со најбогати во Британија, сè до 1994 година, кога беа воведени нови критериуми за вреднување на богатството. Тогашните ажурирани правила го исклучија Crown Estate, односно имотите во сопственост на Обединетото Кралство и колекцијата на кралски уметности од вкупното богатство на кралицата, бидејќи таа нема финансиска контрола врз нив.

Како што пренесуваат британските медиуми, се верува дека музичкото трио го зголемило своето лично и заедничко богатство благодарение на финансискиот успех на филмот „Bohemian Rhapsody“, кој од продажба на кино влезници ширум цел свет заработи 900 милиони долари и забрзано се приближува до заработка од над една милијарда долари.