Четврток носи топло и сончево време


Викенд најава - Најинтересно во Серија А! ↓↓↓



Ако овогодинешниот јануари не смрзна, крајот на февруари годинава дефинитивно забрзано не затопли.

Вчерашните максимални вредности на температурата на две места во земјава ја надминаа вредноста од 20 целзиусови степени, и тоа во Гевгелија каде УХМР измери 21.6 степени и во Струмица, каде максималната температура достигна 20,2 степени.

Слична вредност на температурата се очекува и во текот на денешниот ден, повторно во услови на ведро и сончево време.

Остануваат уште пет дена до крајот на овогодинешниот февруари кои се на се ќе поминат во прилично пријатни метеоролошки услови. Температурата ќе биде над нормалата за овој дел од годината. Во однос на временските услови, повеќе ќе преовладува ведро време.

Краткотрајно освежување со врнежи и пад на температурата ќе има во првиот ден од претстојниот викенд. Облачното и врнежливо време во сабота ќе започне уште наутро во западните и северните делови од земјата. Врнежите на планините, особено во северозападниот регион ќе бидат од снег. Потоа овој бран на врнежи ќе зафати поголем дел од земјава. Во ноќта кон недела овој бран на врнежи ќе ослабне и постепено ќе прекинува.

Од недела претпладне повторно се очекува тренд на разведрување, што ќе обезбеди претежно ведро време со мала облачност во последните два дена од февруари.

Температурата во четврток и петок ќе биде воглавно во дијапазонот помеѓу 13 и 16 степени, а во јужниот дел од повардарието и до 18 степени.Падот на температурата во сабота ќе биде за околу 5 до 7 степени. Во недела темпераурата ќе биде во границите од 10 до 15 степени, додека од понеделник се очекува значаен пораст на температурата, па во југоисточниот регион ќе има веројатност максималната температура да дојде до околу 20 степени.