Буфон до Пандев на првиот тренинг: „Сега повеќе нема да ми даваш голови“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Горан Пандев, од пред два дена официјално е играч на Парма откако го потпиша договорот со клубот за трансфер од Џенова. Со облекувањето на дресот на Парма, Пандев стана соиграч на легендарниот голман Џанлуиџи Буфон.

„Сè се случи набрзина и желбата да играм и да бидам протагонист, кој ќе придонесе за остварување на амбициите на клубот ме натера на оваа одлука. Се надевам дека ќе биде добро во Парма и дека ќе ги оствариме целите на клубот, а тоа е влегување во плејофот. Потоа ќе размислуваме и за враќање во Серија А, бидејќи клуб како Парма припаѓа токму таму – во Серија А“, изјави Пандев.

„Сигурно дека задоволството е големо што ќе играм со Буфон. Знаеме што значи тој за светскиот фудбал и што сè направи во неговата кариера. Кога се видовме на првиот тренинг веднаш ми рече: – Конечно сме во иста екипа, сега нема повеќе да ми даваш голови“, додаде Пандев за „Видеолотарија Касинос Австрија“.

Пандев со Парма потпиша договор до крајот на оваа сезона, иако ништо не најавуваше дека ќе дојде до ваков чекор во неговата кариера.

Парма се пресели во Серија Б минатата сезона и во моментов се наоѓа на 12. место, со осум бода помалку од осмото место, кое води во плеј-офот. Сигурно ќе биде посилна со Пандев во својот тим, но дури и да успее да се врати во Серија А, тоа нема да ги смени ставовите на нашиот Горан околу крај на кариерата.

„Не, не се менуваат моите планови за завршување на кариерата. Тоа останува исто, на крајот на сезонава ќе ставам крај на активното играње“, потврди Пандев.

Парма е седми клуб од Италија во кариерата на Македонецот. Претходно играше за Интер, Специја, Анкона, Лацио, Наполи и Џенова.