Славни

Белешка од Ајнштајн за теорија на среќата – еве што е среќен живот за славниот гениј

Две белешки кои Алберт Ајнштајн ги предал на еден доставувач во Токио, од кои едната е посветена на тајната за среќен живот, се појавија 95 години подоцна и наскоро ќе бидат дадени на аукциска продажба во Ерусалим.

Славниот физичар, втемелувач на теоријата за релативноста, во 1922 година бил на патување во Јапонија, каде одржал серија предавања. Во тој период дознал дека ќе биде предложен за Нобелова награда за физика и неговата слава се проширила и надвор од научните кругови.

Во хотелот „Империјал“ во Токио, еден од доставувачите му донесол пратка. Не е познато дали доставувачот го одбил бакшишот, во склад со локалниот обичај поврзан со земање бакшиш, или Ајнштајн немал ситно за да му даде, но не сакал да го остави со празни раце, па му дал две белешки напишани на германски јазик.

„Ако имаш среќа, можеби овие белешки ќе бидат многу повредни од бакшишот“, му рекол Ајнштајн, факт кој го тврди човекот кој сега ги нуди белешките на продажба.

Во една од нив, напишана на лист хартија со лого од хотелот „Империјал“, пишува: „Мирен и скромен донесува повеќе радост од немирна трка за успех“.

На другата белешка, на бела хартија, се наоѓа испишана славната изрека: „Каде што има волја, има и начин“.

Aукциската куќа Winner’s ја потврди автентичноста на белешките. „Тие немаат никаква научна вредност, но можат да придонесат за приближување на личните размислувања на Ајнштајн, чие име стана синоним за генијалност“, оцени Рони Грос, задолжен за најголемата колекција од архивата на физичарот на Еврејскиот универзитет во Ерусалим.

Двете белешки ќе бидат дадени на аукциска продажба во вторник, во споменатата аукциска куќа во Ерусалим, заедно со други предмети, меѓу кои се и писмата кои Ајнштајн ги напишал пред крајот на неговиот живот.

Advertisements
To Top