Али Ахмети денес на судски распит за случајот „Попис“


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска треба да се појави во зградата на поранешното СЈО, на распит за случајот „Попис“, каде тој заедно со поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер Никола Груевски, се осомничени за пропаѓањето на пописот во 2011 година, пренесува 360 Степени.

Овој случај, по преземањето на предметите од редовните обвинителства лани во септември, сега е во рацете на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но обвинителите од СЈО останаа надлежни во истрагите.

Засега нема официјални информации во која фаза е истрагата. Од обвинителството кратко одговараат дека се постапува во предметот.

Истрагата е отворена пред повеќе од две години. СЈО соопшти дека ја отвора на 21 март 2018 година и според тогаш презентираното, Ахмети и Груевски се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувања.

„Постои основано сомнение дека како владејачка коалиција со цел да го скријат фактот дека немаат политички капацитет да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, како и да ги скријат неповолните факти за демографската и економската состојба, што резултирало со огромно иселување на работоспособното население, осомничените помеѓу 10 и 11 октомври 2011 година се договориле да го стопираат пописот“, рече обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференцијата на 21 март 2018.

Од прислушуваните разговори, рече таа, произлегло дека двајцата лидери се договориле причините за пропаѓањето на пописот во јавноста да ги прикажат дека се од техничка природа и поради некадарноста на Државната пописна комисија и Државниот завод за статистика.

Со тоа што пропаднал пописот, проценките на СЈО беа дека е нанесена штета на буџетот од над 175 милиони денари.

Последниот попис во земјава беше спроведен во 2002 година, по воениот конфликт. Попис на населението, власта планираше да спроведе во април годинава, но тој беше одложен поради предвремените парламентарни избори. Пред одложувањето на пописот планиран за 2020, парламентарните партии со месеци не можеа да постигна договор за законот според кој би се извела статистичката операција. Сега најавите се дека пописот ќе се реализира во април 2021 година.

За немањето попис во Македонија месецов анализа објави и „Јуропиан Вестерн Балканс“ (ЕВБ) во авторски текст на Кристијан Фидановски и Валентино Грбавац. Во неа се наведе дека додека Европа се подготвува за редовниот декаден циклус на попис на населението следната година, земјава и Босна и Херцеговина се двете европски земји кои сè уште го немаат утврдено ниту датумот за попис.

 

Исто така, авторите на анализата посочија дека од 2010 година до денес само 21 земја во светот не спровеле попис на населението, од кои две се во Европа – Украина и Северна Македонија осврнувајќи се и на пропаднатиот попис од 2011 за кој пишуваше дека бил запрен „делумно поради политичките стравувања од неповолни бројки на етничката структура“.