„Аферата корнишони“ им го пукна филмот на австриските дипломати кај нас – австрискиот амбасадор бара разрешување на македонски судии

Емилија Заева-Костова

Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Преку официјален допис до медиумите, австриската амбасада го критикува македонското правосудство, барајќи да се разрешат судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија АММА ДОО Хоенемс и валандовската фирма Дена трејд за производство на корнишони.

Австрискиот амбсасадор Георг Вуцас во дописот отворено посочува дека сопственик на фирмата Глобал трејд е Емилија Заева – Костова, братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев и која е сопруга на сопственикот на Дена продукт, Атанас Костов. Австриската фирма има меѓународна арбитражна одлука во своја корист, но не е реализирана пред македонските судови, а во меѓувреме имотот се префрлал кон Глобал трејд. Заев реагира дека нема допирни точки со случајот и дека судството е еднакво за сите во Македонија.

Компанијата АММА со седиште во Хоенемс, Австрија која дистрибуира земјоделски производи со арбитражата има побарувања во износ од 4,5 милиони евра од фирмата Дена продукт. Иако арбитражата е призната во Македонија, судското постапување од неколку месеци, до 6 јуни годинава, кога Граѓанскиот суд донел одлука во корист на австриската фирма и со која се замрзнува имотот на валандовската фирма, било доволно во меѓувреме имотот да се префрла од фирма на фирма чии сопственици се сопружниците.

Амбасадорот забележува дека се злоупотребени или вмешани и катастарот и нотари и извршители, пишува писма до коморите на извршители и нотари за смена на „неспособните“, како и до Советот на обвинители и до Судскиот совет заради отстранување на пристрасните или неспособните судии и обвинители. Тој е зачуден како тоа може да се манипулира со катастарот и Централниот регистер и посочува како дури се организираат јавни наддавања за имотот кој треба да е замрзнат и го најавува скорешното наддавање што се организира за стакленик. Таму амбасадорот вели дека и лично ќе присуствува и повикува: Австриската амбасада ги повикува сите одговорни медиуми во Северна Македонија да бидат сведоци на јавната аукција во просториите на извршител Ангел Костадиновски во Кавадарци, на 10 јули во 12 часот.

Адресирањето на роднински врски со Заев го испровоцира поранешниот лидер на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев.

„Целосно се оградувам од каква било моја инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите. Колку што гледам и читам од соопштението на амбасадорот, овој судски деловен процес е јавен и транспарентен како и сите други судски процеси. Законите важат еднакво за сите и убеден сум дека судот ќе донесе законита одлука како и впрочем се очекува без разлика за кој граѓанин или правен субјект се однесува.

Јас можам само да апелирам судот и правосудните органи, како и која било друга институција да си носат исклучиво законски одлуки и да не дозволат никој да им влијае на работењето и одлучувањето. Ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација нема да можам ништо друго да преземам освен што ќе морам да ги тужам за нанесена штета врз честа и угледот“, порача Заев.