
Телевизискиот водител Џио Бенитез откри дека на 41-годишна возраст му е дијагностицирана коронарна артериска болест.
Што е коронарна артериска болест?
Според Клиниката Кливленд, ова заболување го ограничува протокот на крв низ коронарните артерии, кои го снабдуваат срцевиот мускул со крв. Холестеролот и други материи создаваат наслаги што ги стеснуваат артериите. Најчест симптом е болката во градите, а болеста може да доведе до срцев удар, нарушувања на срцевиот ритам или срцева слабост. Достапни се повеќе начини на лекување.
Како ја добил дијагнозата
Ководителот на „Good Morning America Sunday“ во ново интервју раскажа дека во неговото семејство има историја на срцеви заболувања. Токму затоа се обратил кај д-р Тара Нарула, главната медицинска дописничка на ABC News.
„Баба ми почина од срцев удар на 61 година. Тетка ми доживеа срцев удар во сон, исто така млада. Вујко ми? Срцев удар. И тој беше млад. Другиот вујко — уште еден срцев удар, исто така на млада возраст“, изјави тој за People.
Д-р Нарула го упатила на снимање за мерење на калциумските наслаги во коронарните артерии. На овој тест, резултат над 100 се смета за абнормален, а кај Бенитез изнесувал 137.
„Откако дознав, околу една недела имав напади на паника секоја вечер. Сопругот ќе заспиеше или ќе бев сам во хотелска соба, бидејќи патував по работа, и токму тогаш почнував да го замислувам најлошото“, раскажа тој.
Терапијата веќе му помага
Лекувањето на коронарната артериска болест може да вклучува статини, лекови што помагаат во намалувањето на холестеролот, како и промени во животните навики: физичка активност, правилна исхрана и доволно сон. Некои лекари може да препорачаат и аспирин.
Бенитез вели дека новата терапија му помага: „Се чувствувам навистина, навистина добро. Се случува токму она што таа ми кажа дека ќе се случи. Тоа ми помогна да се смирам“.
Во вторникот, на 17 ноември, тој зборуваше за дијагнозата и во утринската емисија „Good Morning America“. Во разговорот учествуваше и д-р Нарула, која објасни повеќе за снимањето со кое била откриена болеста.
„Бев шокиран затоа што се чувствувам сосема добро — се хранам правилно, вежбам, правам сè како што треба“, рече Бенитез во емисијата.
„Никогаш не помислував дека медицински тест од 100 долари може да ми го спаси животот“, додаде тој.
Извор: Just Jared