Со заедничко дефиле синоќа во белградска „Ложионица“ беше затворено 41. издание на „Лексус фешн селекшн“. Финалната ревија, насловена „Beyond the Vision“, обедини дизајнери од повеќе генерации, кои преку своите креации ги претставија сопствените естетики и препознатливи авторски изрази. Со неа завршија петте дена посветени на модата, уметноста и новите таленти.

Завршницата на годинашната манифестација помина во духот на заедништвото и славењето на српското модно творештво.
За разлика од претходните вечери, кога дизајнерите ги прикажуваа колекциите на одделни ревии, финалната вечер понуди поинаков пристап.
Секој автор се претстави со по една креација, па на истата писта се сретнаа различни естетики, креативни идеи и дизајнерски пристапи.

Посебна атмосфера на завршната вечер ѝ дадоа музиката на Вагнер и проекцијата на филмот „Андалузиски пес“. Така симболично беше воспоставена врска со надреалистичката инспирација што го одбележа и отворањето на манифестацијата.
Небојша Грнчарски од модната агенција „Селект“ истакна дека творечката соработка меѓу модната дизајнерка Елза Скјапарели и уметникот Салвадор Дали била главната инспирација за годинашното издание, од првата ревија во „Хангар“ до финалното дефиле во „Ложионица“.

„Го отворивме 41. ‘Лексус фешн селекшн’ со ревија што директно го оживеа духот на нивното творечко содејство, а во следните денови прикажавме богат пресек на современата модна сцена. Испративме јасна порака дека модата не е само облекување, туку моќен уметнички израз што ги поместува границите. Многу сме горди на енергијата што ја споделивме со публиката и учесниците и веќе им се радуваме на новите креативни предизвици“, рече Грнчарски.

Манифестацијата започна на 10 ноември во „Хангар“, со ревијата „Fashion Beyond the Limits“, инспирирана од творештвото на Елза Скјапарели и Салвадор Дали. Уште на првата вечер, покрај етаблираните српски автори, простор добија и младите дизајнери. Преку конкурсот „Celebrating 100 Years of Excellence“, тие имаа можност да ги покажат својот талент и креативните идеи.
Меѓу повпечатливите моменти беше ревијата на Горица Пејаковиќ, чии модели ги носеа жени постари од 30 години. Со ваквиот избор беше нагласено дека стилот, убавината и самодовербата не се ограничени со возраста и дека модата треба да ги слави различноста и индивидуалноста.
Публиката во „Хангар“ ја проследи и детската ревија на брендот „Пертини“, на која настапија малите манекени од агенцијата „Селект“, како и авторските колекции на Душан Стил и Немања Пантелиќ.
По трите вечери во „Хангар“, програмата продолжи во „Ложионица“, каде што на 14 ноември посебно внимание му беше посветено на женското здравје. Панел-дискусијата за реконструктивна хирургија на дојката, организирана во соработка со клиниката „Варис“, и уметничкиот перформанс „Таа има избор“ на здружението „Жена уз жену“ отворија важни прашања за информираноста, поддршката и правото на личен избор.
Во текот на петте дена, 41. „Лексус фешн селекшн“ покажа дека модата не завршува со облеката и актуелните трендови. Преку учеството на етаблирани дизајнери, млади креативци и уметници, современото модно творештво беше поврзано со значајни општествени и уметнички теми.
Завршната ревија „Beyond the Vision“ не беше само последно излегување на пистата, туку и заедничко славење на креативноста, различноста и потенцијалот на српската модна сцена. Нејзината порака беше дека иднината на модата се темели врз слободата на изразување и храброста да се поместуваат границите.
Извор: Story.rs