Џо Мињосо не ја исклучува можноста повторно да го игра пожарникарот Џо Круз во „Чикаго во пламен“, иако се збогува со редовната улога во 15. сезона. Во ексклузивен разговор за „Ју-ес викли“ во понеделникот, на 2 ноември, 48-годишниот актер рече дека вратата за негово враќање во серијата на Ен-би-си останала „повеќе од подотворена“.
Збогувањето со Круз беше горчливо-слатко, но Мињосо е задоволен од начинот на кој била заокружена приказната на неговиот лик.
Предупредување: Следуваат детали од петтата епизода на 15. сезона на „Чикаго во пламен“.
Во епизодата емитувана во средата, на 4 ноември, која воедно беше јубилејната 300. епизода на серијата, Круз конечно закрепнуваше и повторно одеше. На почетокот на сезоната тој го повреди ’рбетот при гаснење пожар во магацин.
Откако неговата сопруга Клои, која ја игра Кристен Ли Гутоски, ги роди нивните ќерки близначки, Круз сфати дека неговото семејство, во кое имаат и два сина, не е подготвено тој да се врати на должност. Тоа значеше дека мора да се откаже од едното семејство — екипата од Противпожарната станица 51 — за да му се посвети на другото.
„Ним сум им попотребен“, му рече Круз на капетанот Кели Северајд, кого го игра Тејлор Кини, откако му соопшти дека нема да се врати во CFP, ниту во спасувачката единица 3.

Круз откри и дека планира да се пресели во Минесота, каде што ќе оди во центар за рехабилитација за побрзо да закрепне. Дополнителна предност е близината на семејството на неговата сопруга, кое ќе може да ѝ помогне со бебињата.
„Судирот е во тоа што мора да се откаже од едното семејство заради другото, наместо да може да ги задржи и двете. Тоа е момент во животот на Круз кога навистина сфаќа дека не може да има сè“, објасни Мињосо. „Но многу го почитувам тоа што е толку лојален, што е подготвен да се откаже од местото каде што се чувствува како дома, заради луѓето што најмногу го сакаат.“
Како и Мињосо, и Теран навести дека приказната на Круз во семејството на „Чикаго во пламен“ не е завршена само затоа што актерот повеќе не е дел од редовната актерска екипа.
Извор: US Weekly