Дали е ова реклама или нов филм на Лантимос?
Прада повторно ги поместува границите и покажува дека модна кампања може да изгледа како вистинско уметничко дело. Овојпат, италијанската модна куќа соработуваше со режисерот Јоргос Лантимос, познат по својот ексцентричен и наградуван филмски израз, и со актерката Скарлет Јохансон, една од најголемите холивудски икони. Резултатот? Ritual Identities — краткометражен филм што остава впечаток како да гледате полнокрвно киноискуство, посветено на легендарната „Галерија“ торба.
Лантимос ѝ дава свој препознатлив печат на целата приказна — надреални кадри, мистериозни симболи и суптилна иронија. Јохансон, пак, изненадува со три сосема различни улоги: од менторка што изговара волшебни рецепти, до хероина изгубена во лавиринтот на метрополата, па сè до фигура која се раѓа од футуристичка метална сфера, наликувајќи на фрагмент од Френкенштајн. Сите верзии на нејзиниот лик се поврзуваат преку еден моден фетиш — торбата „Галерија“, симбол на личните идентитети што ги носиме со себе.
Самата Јохансон признава дека овде не се работи за класична глума, туку за начин да се прикажат различни аспекти на личноста — поинтимни, поетични и поблиски до публиката. И сето тоа не изненадува бидејќи таа изгради кариера низ улоги што маестрално ја спојуваат ранливоста со силата — од Lost in Translation, па сè до универзумот на Марвел.
За Лантимос, ова изгледа како природно проширување на неговото творештво. По филмови како The Lobster, The Favourite, Poor Things и Bugonia, тој сега ја истражува границата меѓу модата и уметноста, претворајќи една рекламна кампања во визуелен манифест. А Прада, со уметничкото водство на Мјуча Прада, уште еднаш потврдува дека модата е многу повеќе од облека — таа е културен дијалог, спој од гламур и идеи, момент кога стилот станува филмска поезија.
Торбата „Галерија“, првпат претставена во 2007 година, и денес е еден од најпродаваните производи на брендот. Со овој филм, таа добива уште еден доказ за својата бесмртност — сега не само како моден симбол, туку и како вистинска филмска ѕвезда.