Home Актуелно Директорот на Заводот за статистика категоричен – пописот нема да се одложи

Директорот на Заводот за статистика категоричен – пописот нема да се одложи

Апостол Симовски, директор на Заводот за статистика, категорично тврди дека пописот на населението во Македонија нема да се одложи и ќе се спроведе во месец април. Тој денес, на средба со новинарите, ја објасни методологијата и посочи дека Законот за попис, во кој се вметнати сите пописни рокови, доследно ќе се почитува, пренесува Слободен Печат.

Во оваа статистичка операција што треба да се одржи од 1 до 21 април, ќе учествуваат најмалку 1.500 попишувачи, вклучувајќи и одреден број од нив како резервни, како и 50 пописни комисии. Еден месец претходно, од 1 во 15 март, ќе се попишуваат лицата што работат во дипломатско-конзуларните претставништва, воените претставници во странство, но и објектите што се во државата, а се тешко достапни за попишувачите, затворениците, бездомниците, лицата со попреченост. Од 1 до 21 април ќе се попишат сите други државјани на Македонија. Со пописот ќе се прибираат податоци и за лицата отсутни во странство повеќе од една година, со цел да се добијат порелевантни податоци за бројот на отселените лица од земјата.

Во однос на коронавирусот, Симовски рече дека е можно пописот да се одржи и надвор од становите, на отворено.

– Тие што ќе имаат ковид-19 или ќе бидат во изолација, ќе се попишуваат според протоколи од Министерството за здравство – рече Симовски.

Апликацијата за попис на граѓани што живеат надвор од Македонија, нема да дозволи неточни податоци, но за овие лица податоци ќе може да дадат и друго лице, под услов само ако го познава добро.

– Апликацијата за во странство е готова и ќе биде во функција од 1 март. Таа е максимално безбедна и ниту едно лице во Македонија не може да се вклучи во неа. Ќе биде можно вклучување само од странство со посебна процедура и се преземени сите мерки таа да биде безбедна. Не е можно да се дадат одговори на сите прашања, ако не го познаваат добро, а тие се и лесно проверливи. Услов за самопопишување на оваа категорија лица, како и на членовите на нивните домаќинства/семејства е единствениот матичен број (ЕМБГ) – рече Симовски.

Во оваа статистичка операција што треба да се одржи ќе учествуваат 1.500 попишувачи, вклучувајќи и одреден број од нив како резервни, како и 50 пописни комисии. Целта на пописот на становите е да се добијат податоци за структурата на станбениот фонд, т.е. да се утврди бројот на становите и да се добијат податоци за нивната искористеност, површината, бројот на соби, опременоста со помошни простории, опременоста со електрични инсталации, водовод и централно греење, потоа нивната година на изградба, катноста. Од пописот треба да се добијат и податоци за ненаселените станови, како и бројот на викендички и семејни куќи. Исто така, со пописот ќе се прибираат податоци за општата здравствена состојба на лицата.

Во Методологијата е дефинирано кој сè ќе влезе во вкупното резидентно население, што е најжешкото прашање за јавноста. Електронската апликација со која ќе се врши попишувањето, функционира на седум јазици. Во пописот ќе има графи за етничка и за верска припадност и за мајчин јазик. Методологијата содржи прецизни решенија за сите аспекти од пописот, па има и одредба како ќе се попишува граѓанин кој престојува земјата 11 месеци и 29 дена, што е границата по која не може да се најде во резидентните граѓани.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…