Уапсени креаторот и администраторот на контровезната „Јавна соба“ – осомничени за дистрибуција на детска порнографија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Мерка притвор бара Скопското обвинителство од судијата на претходна постапка за креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“ на апликацијата Телеграм. Овие две лица вчера беа уапсени од полицијата по наредба на надлежен јавен обвинител, соопштија од Јавното обвинителство. Од обвинителството велат дека тие се осомничени за кривичното дело Производство и дистрибуција на детска порнографија, пренесува СДК.

„Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудиовизуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете. Бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител за двајцата осомничени на возраст од 32 и 21 година, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, велат од обвинителството.

Понатаму, од Основното јавно обвинителство Скопје додаваат дека поради обемноста на анализираниот материјал споделуван во оваа група, а со цел да се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела и да се обезбедат релевантни докази на законит начин, во текот на предистражната постапка досега било неопходно да се издадат 20 наредби и барања до Министерството за внатрешни работи.