Home Актуелно Стапува на сила полицискиот час: Од вечер после 21 часот кај и да си – дома да си

Стапува на сила полицискиот час: Од вечер после 21 часот кај и да си – дома да си

Од вечерва стапува на сила полицискиот час кој ќе трае од 21 часот до 6 часот наутро, а е воведен од страна на Владата како превентивна мерка за борба и спречување на ширењето на коронавирусот во Македонија.

Граѓаните не смеат да излегуваат во овој период. Полицискиот час нема да важи за МВР, армијата, пожарната и дежурни лица кои работат во Комунална хигиена. Рестриктивната мерка за заштита од корна вирусот има и одредени исклучоци за одредена група граѓани – лица на кои им е потребна итна медицинска помош, како и за оние пациенти на кои им е потребна дијализа. Директорите на болниците треба да направат списоци на вработени кои треба да се движат додека е во сила полицискиот час и за нив ќе има посебни пропусници.

„Една од професиите која ќе биде ислучена ќе бидат медиумите и новинарите. Денеска треба да се дефинира како да се организира начинот да не се влијае на брзината на работата на медиумите, а тој да биде ефикасен и за институциите“, изјави Радмила Шекеринска.

Заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу за Алсат најавува – постои можност за заострување на полицискиот час ако бројот на болни од Ковид 19 се зголемува, а препораките за седење дома не се почитуваат.

„Ќе имаат прекршочна одговорност ако при постапување на полицијата ќе се увидат други кривични дела, граѓаните ќе можат и кривично да одговараат“, рече Нухиу.

Во контрола на безбедносната состојба и поддршка на полицијата во справувањето со коронавирусот се вклучува и армијата. Формиран е заеднички штаб. АРМ ќе ја преземе контролата на граничната линија, ќе ги обезбедува Владата, Собранието, затворите. Војската и полицијата заедно ќе контролираат дали се почитува полицискиот час.

„Армиски тимови ќе можат да спроведуваат и контрола на почитувањето на полицискиот час, почитувањето на самоизолацијата и доколку самоизолацијата не се почитува, да веднаш се изрекуваат мерки, но и да се упатат овие лица во државен карантин и државна изолација“, рече Радмила Шекеринска, Министер за одбрана.

Во услови кога во земјава се воведува рестриктивна мерка како полициски час, а препораките на лекарите и владата е да се седи дома, во полза на повиците за изолација следниве денови ќе биде и лошото време. Убавите сончеви денови во кои граѓаните уживаа изминативе денови завршуваат вечерва. Снег и дожд е прогнозата на синоптичарите за следните неколку денови низ државава – временски услови кои треба да го намалат движењето на отворено.

„Не очекувам снежна покривка да се формира во градското подрачје, меѓутоа врнежите во Скопје, ќе преминат и во снег уште во текот на ноќта а и утре ќе има повремен снег. Тоа е за следните два дена. Од среда попладне се очекува благо затоплување, па до крајот на работната седмица ќе се задржи облачно време со врнежи од дожд“, рече Костадинка Арсовска, УХМР.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…