Металург со победа се прости од ЛШ


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Ракометарите на Металург со победа ги завршија настапите во Лигата на шампионите откако во последното коло во Ц групата, славеше над Чеховски Медведи 31:24 (15:10).

Избраниците на Лино Червар одиграа добар натпревар, без осцилации, со добра одбрана и минимум на технички грешки во нападот. За таквиот пристап младиот тим на Металург и беше награден со победа.

Од првата до последната минута Металург водеше, по почетните 3:0, на половина од првиот дел имаше предност од пет гола (8:3), во 26.минута и 14:8, а на полувреме 15:10.
Во првиот дел блескаше на голот на Чеховски Медведи ветеранот Грамс со осум интервенции, а неговите сиграчи во нападот не беа миленици на среќата бидејќи шест пати ја погодуваа рамката на голот.

Металург и во вториот дел одигра на високо ниво, рутински го држеше противникот на разлика од три до пет гола, а во 56.минута ја достигна највисоката преднст од седум голови 29:22.

Илиќ и Обрадовиќ со по седум голови го предводеа Металург, кој Лигата на шампионите ја заврши со пет победи и исто толку порази. Прво име во составот на Чеховски Медведи беше голманот Грамс со 13 интервенции.