Жештината и сушата ќе се одразат со намалување на храна за луѓето и животните


Спасе Манев (Патувања низ Македонија): Ги откриваме скриените убавини на Македонија ↓↓↓


Топлото време и недостатокот на вода ги десеткуваа приносите на жито, на градинарските култури, намалени се и приносите на фуражните култури. Тоа ќе доведе до помалку храна и за луѓето и за животните. Македонија треба да го подготви земјоделскиот сектор за климатските промени.

Поради долготрајниот сушен период, проследен со рекордни високи температури на воздухот, резервите на влага во подлабоките слоеви на земјиштето се намалени и тоа многу неповолно се одразува врз состојбата на сите земјоделски култури. Најмногу настрадаа житните култури чии приноси се значително намалени, а температурите од над 40 степени и долгиот период без дожд тешко ги поднесуваат и повеќето градинарски и овошни култури, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

Исклучително топлото и суво време ги погоди и браните кои останаа празни. Од овие причини земјоделците не можеа да ги наводнуваат полињата и затоа последиците се уште поголеми, вели Шаклев.

Негативното влијание, особено се одразува кај пченката која е посеана на суво и таа воопшто нема да се бере, зошто не може да вегетира. Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци додава дека и таму каде што има услови за наводнување ќе бидат намалени приносите, бидејќи акумулациите располагаат со минимум вода и се врши рестрикција при наводнувањето.

Тој дополнува дека очекува цената на зрнестата храна да биде многу скапа и изразува загриженост дека тоа дополнително ќе ги влоши состојбите на сточарите во текот на зимата, кои ќе бидат соочени со предизвикот како да ги прехранат животните.

Извор: Радио Слободна Европа