Железници финансиски ќе се консолидира за исплата на платите од вработените


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Раководството на МЖ Транспорт смета дека е постигнат партнерски договор со вработените кои протестираа повеќе од две недели со целосна блокада на железничкиот сообраќај и најавува дека по денешното нормализирање на работата ќе се фокусира на финансиска косолидација на компанијата.

Од овој момент сите заедно почнуваме максимално да се ангажираме да ги извршуваме договорите со нашите коминтенти. Само со работа може да го надминеме ова што ни се случуваше во изминатите две недели и да не дозволиме во иднина да имаме вакви долги прекини на железничкиот сообраќај кои значат  огромни  штети и за нашата компанија, општо за Македонски железници и за македонското стопанство, изјави в.д директорот на МЖ Транспорт Игор Коруноски.

Според договореното со вработените, како што рече, следната недела ќе биде исплатена втората половина од јануарската плата, а на машиновозачите им е исплатен и хонорарот за поминат километар за февруари.

Почнувањето со работа отвора можност за повлекување средства од Министерството за транспорт и врски и се надеваме дека до крајот на месецот ќе ја исплатиме и февруарската плата, рече Коруноски.

За да не биде доведена во прашање исплатата на февруарската плата затоа што протестот траеше 15 дена од тој месец, според Коруноски уште од вчера се фокусирале на исполнување на обврските кон договорите.

Во овој момент имаме најава за голем број возови. Од вчера кога почнавме со работа само во текот на ноќта се примени и опслужени осум возови, а за денеска имаме најавено 13 возови. Тоа е добра динамика на работа што треба да ја искористиме за да можеме да  ги обезбедиме средствата за плата за вработените, наведе Коруноски, одговарајќи на новинарски прашања.

Како што посочи, се уште се прават анализите за штетите што ги претрпе железницата од прекинот на работата. Исконтактирал со сите коминтенти и се надева дека соработката ќе продолжи во позитивен правец. Ќе се направат, потенцира, сите чекори Железницата да не добие тужби поради прекинот во договорите.

Преговарите со вработените во тек на протестот се воделе поединечно затоа што зад протетсот не застанал ниту еден синдиукат и се одвивал спротивно на Законот за железнички сообраќај, кој предвидува при штрајк да се одвива минимум сообраќај.

Во овој момент не сум фокусиран на тоа како ќе постапиме со дисциплински мерки со вработените, единствен фокус е како да го консолидираме претпријатието финансиски за да немаме проблеми во иднина, рече Коруноски.

Одговарајќи на новинарски прашања рече дека Владата редовно ги исплаќа субвенциите во патничкиот сообраќај, и оти работењето на домашното стопанство има директна рефлексија на работата во товарниот сообраќај, кој пак претрпе штети од неодамнешата четиримесечна блокада на границата со Грција.