Заврши судењето за убиството на Алили Бекир – полицаецот Тоска ја призна вината

24-годишниот полициски службеник во СВР Битола, Енвер Тоска, денеска на рочиштето во Прилеп призна дека лани во септември во близина на селото Беловодица го убил својот 36-годишен сограѓанин Алили Бекир.

Во завршните зборови тој рече дека се кае за стореното дело и уапти извинување кон фамилијата на убиениот.

Неговиот бранител пак побара пониска казна бидејќи го признал делото. Затворската казна за вакво дело е од 10 години до доживотен затвор.

„Уште во текот на издржувањето на притворот истиот веќе ги осети последииците на неговото однесување и сметам дека тоа е преломно кај него да дојде со признавање на вина“, истакна Васко Ѓорѓиев, адвокат на обвинетиот.

Инаку Тоска откако го убил Бекир за да ги скрие трагите го запалил неговото тело. Според Јавното обвинителство и одбраната, обвинетиот бил свесен за делото кое го извршува и претходно се подготвувал за истото. Мотивите за убиството и денес остануваат нејасни. Семејството на Бекир бараше максимална казна.

„До ден денеска обвинетиот немаше дадено исказ пред обвинителството, но денеска на главната расправа во целост го призна криивичното дело кое што му се става на товар“, кажа Емил Гугучески, адвокат на семејството на убиениот.

Судењето се одвиваше под силно полициско обезбедување на судот во Прилеп.

„Притворот против обвинетиот Енвер Тоска од Битола беше продолжен до отпочнување со издржувањето на казната затвор“, истакна Жарко Велески, портпарол на Основен Суд Прилеп.

Од судот рекоа дека висината на казната ќе се знае за неколку дена после советување на судскиот совет.