Загубените поштенски пратки – главен проблем за рекламација на Македонски пошти

На македонскиот поштенски пазар најмногу рекламации лани се поднесени за изгубени поштенски пратки, на што отпаѓаат 93 проценти од вкупниот број рекламации, а повеќето од позитивно решените се за препорачани пратки, информира на денешната јавна седница на Агенцијата за пошти (АП) директорот Влатко Атанасовски.

Повеќе од 88 проценти од испитаниците рекле дека никогаш не поднеле рекламација за квалитетот на услугите до Агенцијата за пошта како регулаторно тело, а на речиси пет проценти од испитаниците воопшто не им се јасни или познати постапките за рекламација.

Истражувањето на АП за задоволството на корисниците од поштенските услуги покажало исклучително ниско ниво во однос на поштенските услуги за индивидуалните корисници.

Над 80 проценти укажаа на фактот дека очекуваат оти интернетот и комуникацијата преку дигиталните форми кои ги нуди развојот на технологијата имаат потенцијал во целост да ги заменат поштенските услуги – рече Атанасовски, потенцирајќи дека поштенските услуги само ќе ја менуваат формата и видот но оти нема да биде доведено во прашање нивното постоење.

Како што истакна Атанасоски, од вкупните поштенски услуги кои ги користеле испитаниците 65 проценти отпаѓаат на бизнис кореспонденцијата и испорака на пакети. Само 10 проценти од бизнис испитаниците рекле дека имале искуство во постапки пред АП. Шеесет и седум проценти користеле услуги и како испраќачи и како примачи на поштенски пратки, а како резултат на легислативните бариери 86 проценти од поштенската комуникација била на домашниот пазар.

Според податоците на Агенцијата за пошти, вкупниот обем на поштенски сообраќај во 2015 година е намален за над два милиона пратки во однос на 2014 година. Кај давателот на универзалната услуга Македонска пошта (МП) трендот на намалување е постојан од 2011 година наваму. Обичните писма учествуваат со над 87 проценти кај Македонска пошта. Тоа, појасни Атанасовски, значи дека огромен дел од својот приход МП остварува преку својата доминантна позиција, овозможена преку законски регулираното постоење на резервираната област, пазарен сегмент кој кај напредните европски оператори веќе одамна не е сегмент на кој се базира конкурентноста во поштенските услуги. Со продолжувањето на рокот за целосна либерализација за уште две години, укажа Атанасовски, се создава приходна зависност на МП од пазарен сегмент кој и континуирано ќе се намалува.