УЈП апелира: Земјоделците да поднесат барање за паушално оданочување


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Од Управата за јавни приходи (УЈП) ги информираат земјоделците дека имаат можност данокот на доход да го плаќате паушално доколку приходот од земјоделска дејност во 2016 година не надминува 1.300.000 денари.

Без разлика дали земјоделието претставува ваша основна дејност или истата ја вршите како дополнително занимање, регистрацијата за паушално оданочување ви овозможува персоналниот данок да го плаќате еднаш во годината и да немате дополнителни трошоци за водење на деловни книги, појаснуваат оттаму.

Како да се регистрирате за паушално оданочување?

Најдоцна до 31 јануари 2017 година на шалтерите на УЈП поднесете:
1. образец УЈП-РДО/З – Пријава за регистрација на обврзниците кои остваруваат приходи од земјоделска дејност (преземи)
2. образец ПДД-ПЗ – Барање за паушално оданочување на остварени приходи од земјоделска дејност (преземи).
Напомена: Ако веќе сте регистрирани во УЈП и доделен ви е даночен број (ЕДБ) како вршител на земјоделска дејност, поднесете само Барање за паушално оданочување на остварени приходи од земјоделска дејност (образец “ПДД-ПЗ“).

Даночни поволности за регистрирани вршители на земјоделска дејност во УЈП

Доколку земјоделието претставува ваша основна дејност има целосно ослободување од персонален данок доколку вашиот приход во 2016 година изнесува до 300.000 денари.

Доколку приходите кои сте ги оствариле се движат над 300.000 денари до 1.300.000 денари, предвидени се даночни олеснувања во висина од 80 отсто од остварениот приход, односно ќе платите данок само на 20 отсто од остварените приходи.

Ослободување од плаќање на данок на доход за субвенциите кои ви ги доделила државата.

Пример: Ако во 2016 година сте оствариле 1.000.000 денари, вашиот годишен персонален данок ќе изнесува 20.000 денари.

Доколку вршите земјоделска дејност како дополнително занимање, предвидени се даночни олеснувања во висина од 80 отсто од остварениот приход, односно ќе платите данок само на 20 отсто од остварените приходи.

Ослободување од плаќање на данок на доход за субвенциите кои ви ги доделила државата.

Пример: Ако во 2016 година сте оствариле 200.000 денари, вашиот годишен персонален данок ќе изнесува 4.000 денари.

Задолжително пријавете промена на регистрациони податоци

Доколку имате промени само во личните податоци (адресa, телефонски број и електронска пошта), во тој случај промената на регистрационите податоци можете да ја пријавите со повикување на Инфо центарот на УЈП 0800 33 000.
Доколку пак, имате промени во податоците за работна активност, податоци за членовите на СЗС, трансакциска сметка, должни сте да поднесете Пријава за регистрација за промена на податоци (образец УЈП-РДО/З).
Точноста на регистарските податоци е неопходна поради достава на пријави, решенија, известувања, навремено информирање на даночните обврзници, водење на евиденцијата за даночниот обврзник.

Проверка на даночни долгови и плаќање на персонален данок преку Интернет

Заштедете време, не чекајте повеќе на шалтери за да извршите преглед на даночните долгови, проверка на вашите регистрациони податоци и плаќање на персоналниот данок од земјоделска дејност.
Со услугата на УЈП „е-Плаќање на даноци“, земјоделците може да ги проверат регистрационите податоци преку интернет, да вршат он-лајн преглед на платени и неплатени даночни обврски, како и да вршат плаќање на персоналниот данок од земјоделска дејност со безготовинска картичка.
Постапката на регистрација за е-Плаќање на даноци е бесплатна, а потребно е само да креирате ваш кориснички профил на електронскиот сервис е-Плаќање на даноци ТУКА.

Едукативни посети и обуки за земјоделци

Од декември 2016 до јануари 2017 година, Управата за јавни приходи организира обуки за земјоделците на тема: „Пријавување и оданочување на приходи од земјоделска дејност на физички лица кои се оданочуваат во паушален износ“.
Пријавете се и посетете ја обуката во вашата општина или град и информирајте се за сите прашања во врска со постапките за регистрација, оданочувањето на приходите од вршење на основна и дополнителна земјоделска дејност, плаќање на персоналниот данок.
Распоредот на обуките за земјоделците е објавен на веб страницата на УЈП.