Заев за грчката „Алфа ТВ“: Немаме црвени линии


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Премиерот Зоран Заев, во интервју за грчката „Алфа ТВ“ изрази надеж дека постои можност за изнаоѓање на решение за прашањето за името до крајот на првата половина во 2018 година. Тој вели дека „црвените линии“ нема да бидат причина или изговор за ограничување на разговорите.

Заев во интервјуто изрази уверување дека опозицијата во Македонија ќе даде позитивен придонес во изнаоѓањето на решение со Грција, истакнувајќи ја потребата заеднички да го решаваат ова прашање.

Тој ја опишува како „позитивна надеж неодамнешната изјава на лидерот на Независни Грци Панос Каменос, дека ако постои договор на политичките институции на двете земји, и тој ќе се согласи на решение“. Заев во интервјуто изразува желба да се сретне со министерот за одбрана и претседател на најголемата опозициска партија Нова демократија , Киријакос Мицотакис, но се разбира, како што вели тој, по средбата со премиерот Алексис Ципрас.

Запрашан за црвените линии, Заев вели дека ако постојат црвени линии тие би биле само кочници во изнаоѓањето на решение.

„Наша црвена линија е линијата која свети силно како водилка по патот за да дојдеме до конечно решение“, вели Заев.

Тој вели дека со Ципрас веруваат во исти вредности. „Ние сме родени во иста година, и очигледно Господ сакал да бидеме родени иста година за да можеме да го решиме ова чувствително прашање што постои помеѓу двете земји“, вели тој.

Во интервјуто, Заев вели дека власта е подготвена да разговара за преименувањето на аеродромот во Скопје, со што, како што рече, ќе се покаже неговото пријателство со Грците.

Тој повтори дека Македонија не е единствен наследник на Александар Велики истакнувајќи:

„Јавно го кажав тоа, бидејќи повеќе сакам да верувам во иднината на нашата држава отколку да бидеме вкоренети со предрасудите од минатото, затоа што знам дека Александар Велики ќе биде еден елемент што ќе нè обедини, а не елемент на поделба“.

Премиерот во интервјуто неведува дека стратешка цел на Македонија е влез во ЕУ и НАТО.

Извор: Макфакс