Заев: „Спремни сме за делумна амнестија“ – 600 затвореници почнаа штрајк во Идризови


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Инициран од изјавата на највисокиот државен врв од извршната власт, на чело со премиерот Зоран Заев, за владината подготвеност за делумна амнестија за „крвавиот четврток“, околу 600 затвореници во затворот во Идризово, со одбивање да го земат дневниот ручек, вчера започнаа штрајк со глад.

„Засега штрајкот е мирен, нема никакви проблеми од затворениците потпишани на писмото и нема најави до кога ќе трае штрајкот со одбивање на затворската храна“, изјави за Канал 5 директорот на затворот Идризово Боби Мојсоски. Смета дека дел од нив тоа го сториле под притисок од организаторите на штрајкот и вели дека иако го одбиваат ручекот, тие имаат залихи на храна во своите ќелии.

Затворениците сметаат дека не треба да бидат ослободени од вина само осомничените и осудени лица кои упаднаа во законодавниот дом на 27ми април. Вчера преку писмо ја известиле и управата на затворот.

„Бараме општа амнестија за сите дела кои ги дозволува Уставот, исто така и статусот на доживотно осудените да се промени во бројка што е во склад со европските закони“, пишува во писмото. Најавија и мирни протести пред владата од страна на нивните семејства.

Премиерот Заев ја отфрли можноста за нова општа амнестија. Како аргумент го наведе тоа што на почетокот од годинава Владата веќе донесе ваков закон.

Во Законот за амнестија донесен на 15ти јануари годинава околу 670 лица беа ослободени од издржување затворска казна, а пак над 3 илјади осуденици добија намаллување на казната за 30отсто.

Амнестијата не се однесуваше на лица осудени за доживотен затвор, за кривично дело Убиство, за силување и педофилија, тероризами кривични дела против државата, дела против јавниот ред и мир како и дела против човечноста и меѓународното право. Законот не се однесува и на лицата кои кривичните дела ги сториле по 20ти септември 2017та година.