Заев: Никогаш поблиску до решение за името – евентуален референдум на есен


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Во своето обраќање за очетот за сработеното во првата година од владеењето, премиерот Зоран Заев денеска рече дека не е договорено конкретно име, но дека двете земји никогаш не биле поблиску до договор. Временската рамка за решавање на спорот објавена во медиумите делумно ја потврди и најави оти важниот разговор со Ципрас треба да се случи до петок.

Договорот за временската рамка за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција објавен деновиве во јавноста е релативно точен, а засега не договорено конкретно компромисно име, рече премиерот Зоран Заев.

На прес конференција по повод една година од работата на владата што ја предводи, тој рече дека чекорите што беа објавени во медиумите, не се тајна, туку биле тема и на лидерската средба што се одржа месецов.

„Чесно е да се разговара покрај за правно-формалниот аспект на евентуален договор и за термините за негово спроведување. Знаете дека во Македонија сите стоиме позади референдум. Ако ние стоиме позади референдум, а Грција има за тоа разбирање, ред е, логично е да бидат поставени чекорите на спроведување на евентуален договор” рече Заев.

Референдумот, како што рече премиерот, би се одржал во септември или октомври годинава и граѓаните ќе го имаат последниот збор. Пред него би се случила ратификација на евентуалниот договор во парламентот, со мнозинството што го имаат двете влади, за да може Грција да испрати писмо до НАТО и како што нагласи Заев да ја добиеме поканата.

Никогаш не сме биле поблиску до решение, македонскиот јазик и идентитетот на Македонците се потврдени, нагласи тој. На прашањата поврзани со тоа дали новото компромисно име е Република Северна Македонија и дали се уште е во игра македонскиот предлог Република Илинденска Македонија, пак рече дека конкретно име нема уште договорено.

“Не би давал коментари за одредени одредници, придавки или додавки на името заради тоа што сме во финале на можно решавање на овој повеќе од 25 годишен проблем” рече Заев.

Извор: Радио Слободна Европа