Заев ја поднесе оставката од премиерската функција


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Преку писмо испратено по курир Зоран Заев го информираше собранискиот спикер Талат Џафери дека си дава оставка од функцијата премиер на Македонија преземајќи одговорност  за изборните резултати.

Заев вели дека со ова сака да остави пример за идните генерации а времето ќе покаже дали оваа одлука била во согласност со неговата определба да биде политичар кој  презел одговорност во носењето на тешки но историски важни одлуки.

„Денеска ја поднесов оставката од функцијата Претседател на Владата на Република Северна Македонија до Претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Демократијата значи и одговорност. Со мојата оставка, преземам одговорност и оставам пример за граѓанската должност на идните лидери, но и давам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на државата.

Ми беше огромна чест што можев да служам и што ја имав довербата на мнозинството од народот во изминатите четири години.

Сакам да им се заблагодарам на пратениците во Собранието, овој и претходниот состав, на членовите на двата состави на Владата за време на моите мандати и на граѓаните на нашата држава.

Посакувам благосостојба и просперитет на сите наши граѓани, на сите заедници, на целиот наш народ“, напиша Заев во објава на Фејсбук.

Оставката ќе се констатира утре во Собранието. Опозицијата реагираше што таа се поднесува непосредно пред седницата за пратенички прашања со што на пратениците ќе им биде оневозможено правото на дискусии.

Со оставката на Заев во оставка е целата Влада.

Според Уставот и Собранискиот Деловник, Претседателот на државата е должен во рок од 10 дена да го довери мандатот, на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието, во конкретниот случај најверојатно тоа ќе биде лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски.

Мандатарот е должен во рок од 20 дена да му поднесе на Собранието програма и да го предложи составот на Владата.Седницата за избор на Владата се одржува во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот за состав на Владата и програмата.

Очекувањата се дека Собранието ќе расправа за новиот владин кабинет во средината на јануари.