Актуелно

Заев го побара мандатот, Иванов го услови со доказ дека има мнозинство за Влада

По целодневните консултации со лидерите на парламентарните партии претседателот Иванов вечерва соопшти дека мандат за составување на влада ќе го даде откако ќе му бидат доставени доказ и потврда за мнозинство.

По целодневните консултации со политичките партии претседателот Ѓорге Иванов вечерва соопшти дека мандат за состав на нова влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе го извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието.

Прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на влада во согласност со член 90 од Уставот на Македонија, рече Иванов.

Toj се повика на слободата за проценка што на Претседателот му ја оставил уставотворецот, не прецизирајќи во највисокиот акт што треба да се прави во вакви ситуации. Според Иванов освен политичката, веќе имаме нешто што се повеќе наликува на уставна и институционална криза.

Претходно дека вака ќе се одвиваат работите навести лидерот на СДСМ Зоран Заев кој заедно со заменик претседателката на партијата Радмила Шеќеринска и генералниот секретар на партијата Оливер Спасовски најдолго, дури два часа се задржаа на средба со Иванов.

Укажувањето беше дека треба да докажеме ние дека имаме мнозинство, согласно Уставот, за формирање на Владата, а тоа е 61 пратеник најмалку, како доказ со својот потпис да биде доставено до кабинетот на Ѓорге Иванов, со што дури тогаш ќе добиеме мандат за формирање Влада, рече Заев.

Засега останува нејасно кој рок се дава за собирање на мнозинството, а тоа не го прецизираа ниту Заев, ниту претседателот. Првиот човек на ДУИ Али Ахмети кој со Иванов разговараа околу еден час прашан дали ќе се обиде да преговара со лидерот на СДСМ Заев за формирање ново парламентарно мнозинство, рече дека ДУИ и претходно четири дена заседавала и ги разгледувала сите опции.

Клучот е кај претседателот Иванов. Каде претседателот ќе го однесе клучот е на него. Јас ја имав бомбата да кажам симболично и ја фрлив кај претседателот. Сега не знам каде ќе ја фрли тој, рече Ахмети.

Последен на средба во Кабинетот на Иванов пристигна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, заедно со сопартијците Никола Тодоров и Александар Николовски. Тој се задржа и најкратко на состанокот, околу четириесетина минути и по средбата не даде изјава.

Но, во текот на денот тој се сретна со германската амбасадорка Кристине Алтахаузер и со рускиот амбасадор Олег Шчербак на кои инсистираше дека избори се решение од кризата. Во партиското соопштение се наведува дека официјален Берлин сметал дека мандатот за формирање влада треба да и се даде на втората по големина партија во Македонија, став што му го пренела Алтхаузер на Груевски. Тој пак, како што пишува, ја прашал дали тоа е нејзина сугестија, на што таа одговорила дека тоа е онака како што во моментот се гледа во Берлин.

Груевски на средбата повторил дека ситуацијата е зрела за брзи избори и оти Уставот не предвидува дека ако победникот не успее да формира влада, мандатот и се дава на втората партија, но оти конечната одлука е работа на претседателот. На прашањето за избори како решение Заев вечерва рече дека тие им одговараат на нив како партија, но не и на Македонија.

Другите две страни кои имаат освоено пратенички мандати Алијанса за Албанците и Беса веќе се изјаснија дека се против нови избори. И претседателот на Беса Биљаљ Касами и Зијадин Села од Алијанса на Албанците денеска беа на средби со претседателот Иванов, но не дадоа изјави. На состанок не се појавија од ДПА која на последните избори освои два пратеника.

To Top