За сите кои купуваат автомобил на старо: Неколку знаци како да препознаете дали возилото било удрено


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Факт е дека кај нас автомобилите на старо сè уште се тренд и пракса кој на голем број граѓани им овозможува од врме на време, некои и релативно често, да сменат возило и да се „подноват“ со некоја марка или модел кои сакаат да го имаат. Но, при изборот на автомобил кога се купува на старо, многу е битно да се знаат некои знаци и финти кои на купувачот би му откриле дел од минатото на возилото кое сака да го купи.

Автомобилот можеби изгледа „како нов“ бидејќи актуелниот сопственик се потрудил да го „среди“, но удрено возило е удрено возило.

Веќе ве посоветуваме како да преговарате при купување автомобил, односно кои работи не треба да ги кажете пред продавачот, а сега научете кои се знаците кои „издаваат“ дека автомобилот бил удрен, а продавачот тоа не ви го кажал.

Боја на чудни места

Продавачот кој сака да ви сокрие дека автомобилот бил оштетен во судар најчесто ќе се потруди да ги скрие сите видливи штети и последици на каросеријата, но посетата на автолимар сепак ќе остави траги.

Ако бојата на некои места не се поклопува по сјај и текстура со бојата на остатокот од возилото, тогаш продавачот нешто крие.

Особено внимание посветете околу рабовите на вратите и браниците, бидејќи тоа се местата за кои треба повеќе време и пари за да се санира оштетувањето.

Ако забележите две различни нијанси на бојата на автомобилот за кој сте заинтересирани, секогаш прашајте го продавачот која е причината. Ако не ви даде задоволувачки одговор, не го купувајте возилото.

Деловите не се поклопуваат

Панелите на вратите, браниците и вратата од багажникот треба совршено да се порамнуваат со возилото, а сите растојанија да бидат еднакви и пропорционални едни со други.

Ако наидете на дел што не се поклопува или не е во иста рамнина со остатокот од автомобилот, посветете повеќе внимание на тој дел при инспекцијата.

Ако нешто не се поклопува, има причина за тоа, а најчесто причината е удар.

Напукнато стакло

Пукнатини на шофершајбната, особено ако се во аголот и потсетуваат на пајакова мрежа, може да бидат јасен знак дека автомобилот учествувал во судар.

Без разлика која е причината, ова е сериозен проблем што мора да се реши пред да го купите автомобилот.

Фарови

Речиси сите модерни фарови се направени од пластика. Иако тоа заштедува на тежина на автомобилот, денес на патиштата има сѐ повеќе автомобили со замаглени „очи“.

Ако кога го гледате возилото, едниот фар е побистар и почист од другиот кој е пожолт и замаглен, бидете внимателни бидејќи тоа може да биде знак дека возилото е удрено.

Во тој случај подигнете ја хаубата и погледнете под неа дали има траги на удар.

Проверете ги гумите

За ова ќе мора да се спуштите на колена и да се извалкате, но тоа е мала цена при купувањето автомобил. Ако шарата изгледа нееднакво, причината за тоа може да биде штета што ја претрпела шасијата и тркалата не биле порамнети.

Кога сте веќе таму, погледнете го долниот дел на возилото. Какви било промени на шасијата што отскокнуваат од остатокот може да бидат знак на прикривање на некаков проблем.