За седум години над 300 илјади Бугари се иселиле во Германија

Во моментов во Германија живеат повеќе од 416.000 Бугари, објавија Министерството за надворешни работи на Бугарија и Агенцијата за Бугарите во странство.
Во 2011 година податоците на Министерството покажуваат дека во Германија имало нешто помалку од 75 илјади жители, што значи дека за седум години бројката на Бугари во Германија се искачила за 341 илјада.

Во Турција живеат 350 илјади Бугари, во САД – 300 илјади, Грција исто така 300 илјади, Шпанија – 250 илјади, Велика Британија – 200 илјади, Италија – 120 илјади, Канада – 70 илјади, Австрија – 35 илјади, Молдавија – 31 илјади, Кипар – 25 илјади, Чешка исто така 25 илјади, Јужна Африка – 20 илјади, Швајцарија – 12 илјади, Норвешка – 7 илјади, ОАЕ – исто така 7 илјади, Малта – 6 илјади, за Полска – 4 илјади, за Јордан – илјада. За Франција бројката е 60-80 илјади, Австралија – 10-15 илјади, Нов Зеланд – 3-5 илјади.

Ако се споредат новите податоци со податоците од пред седум години (од претходниот извештај на бугарското МНР), се доаѓа до заклучок дека во 2011 година бројот на бугарски граѓани во Германија бил само 74.869, а сега бројката е над 400 илјади.

За 2011 година, податоците за иселени Бугари во Велика Британија се 100.000 бугарски државјани, за Франција – 30.000, податоците за Турција – 500.000. Односно, бројот на бугарски граѓани во Велика Британија за 7 години се зголемил за 100.000, оние во Франција за 30-50.000, а за Турција се намалил за 150.000.

Податоците за САД, Грција и Шпанија останале исти, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Извор: Независен