За некои чекор кон правна држава, за други амнестија на криминалот: Што носи новиот закон за ЈО?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал, Вилма Русковска, нема конкретен личен дефиниран став за новиот закон за ЈО кој завчера помина во Собрание. Иако со новите законски измени зајакнува позицијата и од финансиски и кадровски аспект на обвинителството со кое таа, Русковска вели дека сè уште не знае што е напишано во конечната верзија, по бројните корекции.

Со новиот закон за ЈО паѓа во вода Начелното правно мислење на Врховниот суд со кое се спореа големи истраги на СЈО отворени по 30 јуни 2017-та година. Се враќаат во живот случаите „Империја“ со Камчев, Панделевски и Мијалков, Актор, Моќник со Антонијо Милошоски, истрагите за раководството на ДУИ- Попис и Пациент. Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски толкува дека со овој закон ќе има одговорност за сторениот криминал.

Опозицијата веќе најавува дека ќе бара ревидирање на начинот на кој беше изгласан законот за јавно обвинителство. Го спорат повтореното гласање но и дел од содржината. Но, според Ивановски нема уставно-правни прашања кои може да се оспорат.

Меѓу клучните промени во законот за кои негодува опозицијата е членот 110. Во него се предвидува „бомбите“ да не можат да бидат докази на кои ќе се „потпира“ некое обвинение туку тие само да служат како индиции. ТВ24 повикувајќи се на извори од обвинителството и претходно објави дека ова нема да предизвика штета на случаите бидејќи освен бомбите располагаат и со други материјални докази и сведоци за да докажуваат криминал.

Прислушуваните материјали остануваат докази за сите постапки кои се покренати до 30 јуни 2017-та година. Останатите бомби кои не се во судска постапка или истрага ќе бидат уништени. Со законот е предвидено проширување на тимот во обвинителството за гонење на организиран криминал, каде што ќе припаднат најголем дел од истрагите на СЈО. Со колку финансии ќе располага обвинителството кое гони организиран криминал одлучува првиот човек на тоа обвинителство, кој предлогот го дава на републичкиот јавен обвинител.