Вработените во „Тетекс“ – единствени кројачки и шивачки кои земаат дивиденда во Македонија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Вработените шивачки и кројачки од македонската текстилна компанија „Тетекс“ веројатно се единствените шивачки во Македонија кои редовно земаат солидна дивиденда од својата фирма.

„Тетекс“ за 2015 и 2016 година вкупно исплати околу 2,5 милиони евра дивиденди, пренесува Фактор.

Најпознатиот македонски текстилен комбинат „Тетекс“ минатата година ја заврши со добивка од 46,07 милиони денари од кои добивката од редовното работење е 6,5 милиони денари, а останатите пари се финансиски приходи или поточно во најголема мерка приходи од дивиденди.

„Тетекс“ во последните три години во инвеститорската јавност е „хит“ заради редовна и солидна исплата на дивиденда на своите акционери. Токму заради тоа пазарната цена на таа акција сега е 2.999 денари, а рекордната цена што ја достигна во последните 52 трговски недели е 2.495 денари за акција. За да бидат појасни работите мора да се потенцира дека најниската годишна цена на акцијата на „Тетекс“ во овој период беше 995 денари. Овој податок само по себе укажува на тоа колку инвеститорите веруваат во акцијата на оваа компанија. Затоа што лани во средината на март таа акција се тргуваа по цена од околу 1.000 денари за акција. „Тетекс“ во 2015 и во 2016 година исплати вкупно 355 денари дивиденда за секоја акција на своите акционери. Вкупно 157,1 милиони денари легнаа на сметките на неговите акционери кои во огромна мерка се домашни физички лица.

Вкупните приходи од продажба лани изнесувале 219 милиони денари и во однос на 2016 година се пониски за 8 отсто односно 19 милиони денари. На домашниот пазар компанијата реализирала 112 милиони денари што е за 19 отсто помалку од 2016 година или 26,6 милиони денари. На странските пазари компанијата продала стоки во вредност од 107 милиони денари што е раст од 7 отсто во однос на претходната година. Останатите оперативни приходи на „Тетекс“ се 48,3 милиони денари и од нив 42 милиони денари се од продажба на недвижности, постројки и опрема и слично. Останатите оперативни приходи се на половина во однос на 2016 година. Оперативните расходи се на ниво од 289,8 милиони денари и во споредба со 2016 година се пониски за 10 отсто. Најголеми расходни ставки се трошоците за суровини и материјали и тие изнесуваат 118,4 милиони денари и трошоците за вработени кои изнесуваат 96,7 милиони денари.

Многу е важно тоа што оваа компанија има многу ниско ниво на кредитно задолжување. Токму заради тоа и нејзините финансиски расходи за лани се на ниво од само 1,35 милиони денари. Има долг само за краткорочни кредити и тој изнесува 15 милиони денари, а вкупните обврски на „Тетекс“ се 1,1 милиони евра. Финансиските приходи на „Тетекс“ лани биле 40,88 милиони денари од кои 37,1 милиони денари се од дивиденда.