Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Вработените во тетовската болница утринава увиделе дека има оштетување на системот за централен довод на кислород низ објектите, а за среќа нема последици по пациентите. Оштетени биле две споредни цевки кои носат кислород од централниот систем до првиот објект ургентно-дијагностичкиот центар, додека снабдувањето до Ковид одделенијата одело непречено преку главната цевка.
„Во раните утрински часови имавме инцидент каде е оштетен споредниот цевковод за кислород. По сè изгледа сме имале среќа, бидејќи да била оштетена и главната цевка, животот на сите 120 пациенти ќе бил загрозен. Да беше оштетен главниот довод тоа ќе беше вистинска катастрофа, ќе требаше да се направи транспорт на најмалку 70 пациенти во други болници и одделенија. Освен ова, имаме и нетраспортабилни пациенти. За наша среќа тоа не се случи. Се надевам дека сега полицијата и Јавното обвинителство ќе ја звршат својата работа и да го откријат сторителот“, изјави д-р Гзим Нуредини, раководител на Ковид-центарот во Тетово.
Цевките за довод на кислород се поставени на висина од околу три метри. Едната цевка била пресечена, а другата извиткана. Тоа се помошни цевки и се со помал пресек за разлика од главната доводна цевка за кислород која е од поголем промер. Утрово, оштетените цевки се заменети со нови и системот за довод повторно е ставен во функција.
„Споредниот довод на кислород кој е општетен е наменет за пациентите кои се на Ургентниот центар. Таму се сместуваат пациенти со инфаркт и други потешкотии, но за среќа кога ова се случи таму немаше ниту еден пациент кој бил на кислородна поддршка. Изминатиов период беше исклучитолно тежок за медицинскиот персонал и ова што се случи навистина многу нè разочара. Се прашуваме кој би можел тоа да го направи, да го стави во опасност животот на 120 пациенти“, вели д-р Нуредини.
Инцидентот го потврдуваат и од СВР Тетово.
Засега, ниту од Клиничката болница ниту од полицијата нема конкретни информации кој е мотивот за оштетувањето на доводот на кислород.