Во Иран расте граѓанскиот гнев поради смртта на 22-годишната Махса Амини


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Ирански дневни весници во неделата своите насловни страници ги посветија на Махса Амини, а повеќе од еден милион луѓе ѝ оддадоа почит на социјалните мрежи на младата жена која почина во притвор каде што беше одведена од полицијата за морал, поради прекршување на прописите за хиџаб.

Амини (22) почина во петокот откако падна во кома откако беше приведена во Техеран, што ги стави правата на жените во Исламската Република Иран повторно во центарот на вниманието.

Полицијата го отфрли тврдењето дека младата жена била претепана, поради што завршила во кома, и изјави дека таа едноставно се срушила додека чекала заедно со другите приведени жени.

Речиси сите весници во Техеран во неделата излегоа со фотографија на Амини на насловната страница, пренесува АФП.

„Јавноста е вознемирена и лута поради тоа што се случи со Махса Амини“, пишува реформскиот дневник „Етемад“ и додава дека нацијата „во неколку наврати забележала дека полицијата за морал прибегнува кон насилство“.

За драмата што се случи пишуваа и провладините и конзервативните весници, но со пораки дека се работи за ширење лаги, што полицијата го демантираше објавувајќи видео од жена која колабира.

Видео снимките покажуваат стотици демонстранти собрани во неделата во близина на Универзитетот во Техеран, извикувајќи „Жена, живот, слобода“, пренесува Ројтерс, додавајќи дека не може да ја потврди нивната автентичност.

Според исламскиот закон, жените се обврзани да ја покриваат косата со шамија во спротивно им се заканува казна и апсење. Но, во последните месеци, активистите за човекови права ги повикуваат жените да го отфрлат хиџабот, и покрај прописите на полицијата, која ги приведува поради „неморално однесување“.

Персискиот хаштаг #MahsaAmini достигна 1,63 милиони споделувања на Твитер во неделата попладне, пренесува Ројтерс.

Амини е од Курдистан, а приведувањето се случило во Техеран каде пристигнала со семејството. Во саботата се одржа протест во Курдистан, вклучително и на нејзиниот погреб во градот Сакез.

Полицијата ги растерала протестите во Сакез, според видео снимката што Ројтерс не можел да ја потврди.

Бехзад Рахими, пратеник во парламентот, за полуофицијалната новинска агенција ИЛНА изјави дека на погребот биле ранети неколку лица, а едно од нив е во болница бидејќи било рането во пределот на стомакот.

Курдската група за човекови права Хенгав соопшти дека 33 лица се повредени во Сакез.

Голем број филмски работници, уметници, спортисти, политичари и лица од религиозните кругови го изразија својот гнев на социјалните мрежи, пренесува АФП.

Поранешниот шеф на државата, реформаторот Мохамад Хатами ги повика властите „да престанат со практиката спротивна на законот, логиката и шеријатското право“ и да ги изведат одговорните пред лицето на правдата.

„Куранот јасно ги спречува верниците насилно да ги наметнуваат вредностите што тие ги сметаат за вера и морал“, напиша големиот ајатолах Асадола Бајат Занџани.

„Махса денес е пожива од што сме ние самите“, бидејќи „ние спиеме, не реагираме на оваа бескрајна суровост, ние сме соучесници во ова злосторство“, изјави режисерот Асгар Фархади, добитник на два Оскари за најдобар странски филм.

„Ако се тоа муслимани, Боже, направи ме неверник“, напиша Сардар Азмун, напаѓач на Баер Леверкузен.