Актуелно

Владина расправа за новиот пакет мерки за спречување на ширењето на коронавирусот – еве што предлага КЗБ

Новиот пакет мерки кој денес министерот за здравство, Венко Филипче, официјално ќе го предложи до Владата во рамки на борбата за спречување на ширењето на коронавирусот во налет на новиот, есенски бран на зараза, вклучува: Сите економски оператори да работат до 23 часот, ограничување на капацитетот во јавниот превоз до 50 отсто, забрана на јавни настани и препорака до целата државна и јавна администрација, до општините и судовите, согласно механизмот на работа, работниот процес да се одвива во смени или онлајн од дома, или пак редуцирано со систем на ротации и секоја од институциите согласно карактеристиките на работниот процес.

Собранието, пак, ќе расправа за претходниот пакет мерки предложени од Комисијата за заразни болести. Во предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести по скратена постапка, за кој ќе расправа Собранието, се вметнати претходните предлози на Комисијата – задолжително носење маски на отворено, ограничување на групирањето по 22 часот надвор и ограничувањето на семејните собири.

„Значи, оваа е единствена законска измена што ќе даде можност за сите овие други мерки да се прифаќаат од Владата без дополнителна измена во законот. Треба мнозинство од 61 пратеник. Јас не очекувам да трае целиот тој процес повеќе од неколку дена. Верувам дека до крајот на неделата овие мерки ќе бидат во сила“, изјави вчера Филипче.

Вирусот е многу проширен насекаде, посочи Филипче и додаде дека значително се зголемува бројот на заболени, а болниците се исполнуваат.

Тој истакна дека сѐ уште не се сместени пациенти во модуларната болница до Инфективната клиника, иако таа е целосно подготвена, кадарот е подготвен, како и интернистите кои доаѓаат по системот на ротација и медицинските сестри.

„Во болницата „8 Септември“ целокупниот персонал работи на оваа проблематика и интернисти и анестезиолози коишто работат заедно со инфектолозите. Веќе се исполнија инфективните одделенија во Струмица, понатаму во Куманово, Штип, почнува да се ангажираат капацитетите во болницата во Кочани. Нема место во болницата во Прилеп и уште едно крило е отворено во болницата во Битола во целиот овој регион, а забрзано се пополнува и капацитетот на болницата во Гостивар“, рече Филипче.

Тој им порача на граѓаните дека ситуацијата е навистина сериозна, дека следен чекор би бил целосно ограничување на движењето односно полициски час.

„Да смогнеме сили сите, затоа што ова е начинот“, истакна Филипче, посочувајќи дека бројот на заболени се зголемува и во регионот и насекаде во Европа.

Нови 161 случај со ковид-19 од 771 тестирање беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа. Починати се 12 пациенти од кои седум од Скопје (56 г., 86 г., 71 г., 57 г., 41 г., 86 г. и 82 г.), еден од Струга (67 г.), еден од Тетово (85 г.), еден од Битола (68 г.), еден од Кавадарци (56 г.) и еден од Прилеп (63 г.).

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 23.788, бројката на оздравени пациенти е 17.392, на починати е 846. Бројот на активни случаи во земјава изнесува 5.550, од кои во Скопје се 2.674.

Во државава се хоспитализирани вкупно 487 пациенти.

На Инфективната клиника се хоспитализирани 92 пациенти од кои на кислородна поддршка се 61 пациент, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се шест деца и шест мајки позитивни на ковид-19, две деца и три мајки суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ хоспитализирани се 47 пациенти од кои на респиратор се четири пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 45, а во болницата во Штип се 56 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга и Кочани се хоспитализирани 230, позитивни и сомнителни на ковид-19.

To Top