Владата ја разреши Ана Петровска од директорската функција на ДИЖС


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На денешната владина седница, Владата ја разреши Ана Петровска од функцијата в.д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и на нејзино место го именува за в.д Сретен Стојковски.

Петровска за Дојче веле вели дека и понатаму ќе продолжи да работи за јавниот интерес.

„Мојата служба во инспекторатот беше привилегија. Некои проблеми во животната средина почнаа да се решаваат, уште многу останаа за во иднина. Јас останувам во секторот животна средина и без оглед што не сум веќе функционер, ќе продолжам да работам за јавниот интерес“, истакна Петровска по одлуката за нејзино разрешување.

Разрешувањето е на барање на претседателката на ДОМ, Маја Морачанин. Од Владата претходно информираа дека согласно меѓукоалицискиот договор во Владата, позицијата директор на државниот инспекторат за животна средина е во политичка надлежност на партијата ДОМ.

„Кадровските решенија за државните инспекторати како носители на јавни функции се дефинираат низ разговори со коалиционите партии од владината коалиција и со преземање политичка одговорност пред граѓаните од страна на секоја политичка партија за позицијата со која раководи”, велат од Владата.

Петровска на челната позиција во Инспекторатот за животна средина беше поставена во 2020 година. Претходно како член на Извршниот одбор на ДОМ, во 2018 година таа беше именувана за државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање. Петровска е инжинер архитект со долгогодишно искуство во животната средина и просторното планирање.

Нејзиното име се споменуваше и во внатрепартиските превирања во ДОМ кон средината на мај годинава кога Петровска и на Мирослав Богдановски, останаа без партиските функции. На пролетната седница на Централниот одбор на партијата, со мнозинство гласови, им беше изгласана недоверба, со што Петровска и Богдановски ги изгубија позициите потпретседатели и членови на Извршниот одбор.

Причината, како што наведоа од ДОМ, е нелегитимна иницијатива за одржување вонреден партиски конгрес. Богдановски пред еден месец го врати пратеничкиот мандат и се врати на чело на Инспекторатот на Град Скопје. Во јавноста, разрешувањето на Петровска се толкува како кулминација на внатрепартиските случувања, како последица на конфликт со раководството на партијата и обид да се сочува парламентарното мнозинство, на кое му припаѓа и единствената пратеничка од партијата ДОМ, претседателката на партијата, Маја Морачанин. Таа во изјава за дел од медиумите ги демантираше ваквите наводи, истакнувајќи дека граѓаните и дел од невладините организации имале поплаки и не биле задоволни од досегашната работа на Инспекторатот.

На социјалните мрежи врие од реакции за смената на Петровска. „Не може да менувате луѓе поради уцени на пратеници кои имаат внатрепартиски проблеми, ако тоа е навистина причината! Кога во оваа земја ќе дозволите стручни луѓе да си ја вршат работата со интегритет и професионално!?“, реагираа од организацијата за заштита на животната средина „О2 Иницијатива“.