Вирологот кој прв ја детектираше омикрон варијантата: Ќе биде речиси невозможно избегнување зараза со овој сој


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Јужноафриканскиот виролог Волфганг Праизер, кој прв го откри омикрон сојот на коронавирусот, предупреди на неговата многу заразна природа.

„Со оваа варијанта ќе биде речиси невозможно да се избегне зараза“, изјави Праизер за ДВ.

Вирологот беше „внимателно оптимистичен“ во поглед на остриот пад на бројот на случаи во Јужна Африка, една од земјите кои за прв пат беа погодени од новата варијанта.

„Можеби омикрон е малку помалку вирулентен од претходните соеви. Но, сепак сè уште гледаме како поради него умираат пациенти“, рече Праизер.

Омикрон првпат беше регистриран во ноември во Јужна Африка и оттогаш брзо се прошири низ светот, предизвикувајќи рекорден број на новозаразени во неколку европски земји, вклучително и Франција, каде бројот на дневни инфекции надминаа 200.000.

Иако првичните извештаи сугерираат дека омикрон може да има поблаги симптоми од претходните соеви на ковид-19, експертите предупредуваат дека зголемувањето на бројот на случаи може да доведе до преоптоварување на здравствените системи.

„Ковид сè уште не стана вирус на настинка. Можеби работите се движат во таа насока, тоа би била добра вест. Но, лошата вест е дека ќе биде речиси невозможно да се избегне зараза со оваа варијанта“, рече Праизер.

„Видовме колку брзо се шири и колку брзо расте бројот на нови случаи. Можно е во следните неколку месеци мнозинството од населението да се зарази со омикрон“, додаде тој.

Праизер наведува дека во Јужна Африка, како и сега во Европа и САД, по појавата на омикрон, забележано е нагло зголемување на бројот на заразени, но дека не е придружено со подеднакво зголемување на хоспитализациите.

„Бевме загрижени дека околу празниците, со оглед на тоа што кај нас започна на крајот на ноември, ќе имаме рекорден број на тешки случаи во болниците. За среќа, бројот на новозаразени опаѓа, а стапката на хоспитализации значително заостанува“, рече вирологот.