Виролог од Шведска тврди: 600.000 жители на Стокхолм имале коронавирус – 99% не ни знаеле за тоа


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Според тврдењето на шведскиот виролог Јохан Гисеке, 600.000 жители на Стокхолм досега се заразиле со коронавирус. Во исто време, тој тврди дека 99% од заразените не биле ни свесни дека биле болни од ковид-19.

Во Шведска, според последните податоци, се забележани нешто помалку од 15.000 потврдени случаи на зараза, со тоа што од вкупниот број 5.992 живеат во регионот на Стокхолм, пренесува Експресен.

Но, многу експерти веруваат дека бројот на заразени лица е многу поголем. Според студијата објавена вчера, 11% од жителите на Стокхолм развиле антитела на ковид-19.

„600.000 жители на Стокхолм досега се заразиле со коронавирус, но 99% од нив не се ни свесни дека биле болни или се болни од ковид-19“, изјави Гисеке за СВТ Њуз.

„Повеќето од оние кои се заразија тоа дури не го ни забележаа. Но, имаше некои кои имаа благи симптоми, некои кои беа сериозно болни, и некои кои умреа. Но, нивниот удел е многу мал во вкупниот број заразени“, додаде тој.

Според СВТ Њуз, регионот на Стокхолм ќе ги прошири своите тестирања на новиот вид коронавирус. Досега се тестирани околу 5.000 лица, а регионот по набавката на нови тестови и друга неопходна опрема, планира да тестира 5.000 граѓани секој ден.

„Тестовите на антителата што денес започнуваме да ги користиме се со висок квалитет и може да се користат во здравствени и истражувачки цели. Сакаме да провериме дали оние кои биле заразени развиле антитела на ковид-19“, изјави за СВТ Њуз Клас Рут, раководител на Универзитетската лабораторија Каролинска.

Регионот Стокхолм има намера, покрај 5.000 дневни тестови за коронавирус, секоја недела да спроведе и 2.000 тестови на антитела.